среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 158
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Скопје

Има ли криминал тежок 100.000 евра во постапката за топол оброк за основците во општина Аеродром?

Има ли криминал тежок 100.000 евра во постапката за топол оброк за основците во општина Аеродром?

По неуспешниот тендер распишан на 23 декември минатата година за топол оброк во училиштата на територија на Општина Аеродром, спротивно од критериумите во новата постапка, во еден ден е завршена целата процедура и е избран најповолен понудувач, објавува НетПрес.

Имено, на 24 јануари е добиена согласност за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и истиот ден е донесена одлука за нова набавка, изготвена е тендерска документација, изготвен е записник од отворањето на понудите, Комисијата за јавни набавки извршила евалуација и е склучен договор со избраната фирма.

Иако во тендерската докуменатција е потенцирана итноста на постапката, сепак минимизирањето на дадените рокови и експедитивното решавање за тендер вреден 6 милиони денари или 100.000 евра (за времетраење од два месеци), упатува на легитимни сомнежи и покрај тоа што набавката е во интерес на децата во сите осум основни уличишта во Општина Аеродром.

Исто така, спротивно на утврдената тендерска документација, рокот за достава на понудите е 27 јануари, ама и покрај тоа изборот е донесен три дена порано, поточно на 24 јануари, иако во документите е наведено дека понудите не смеат да се отвораат пред наведениот утврден краен рок за нивно доставување. Со ова ускратена е можност за пријавување и на други евентуално заинтересирани фирми.

 

 

Симптоматично во оваа постапка е и делот во кој и покрај тоа што договрниот орган како услов за добивање на тендерот ја прецизира и месечната цена по ученик, која не смее да биде повисока од 2.000 денари со вклучен ДДВ, една од двете фирми кои учествувале нуди повисока цена. Тоа го прави и покрај тоа што јасно е нагласено дека секоја друга понуда од старт ќе биде елиминирана од Комисијата за јавни набавки. Сето ова изгледа дека една од двете фирми свесно нуди цена која ја надминува посочената вредност на понудата што е прифатлива за училиштето. Несфатливо е, зошто самата фирма би се дисквалификувала од старт и тоа во конкуренција од само два понудувачи? Имено, фирмата „Атриум ДИ-МИЛ“ дава понуда од 1.750 денари без ДДВ, односно 2.065 денари со вклучен ДДВ. А, фирмата која експресно го доби тендерот „Далма Фоод и Кетеринг“ доставила понуда од 1.694, однсоно 1.999 денари со вклуен ДДВ. Всушност само еден денар помалку од цената која договорниот орган бара да не се надмине.

 

 

 

И двете компании понудувачи, потоа, имаат потпишано изјава дека се откажуваат од правото на жалба во врска со изборот на најповолен понудувач, поради „крајна итност“.

Веројатно поради „брзата“ постапка, која има низа неправилности, во извештајот за спроведената постапка, иако постапката ја спроведува ООУ „Браќа Миладиновци“, како договорен орган стои Општина Аеродром. Па, оттука не е јасно со кого новоизбраната фирма склучува договор, дали со ООУ „Браќа Миладиновци“ или со Општина Аеродром, бидејќи на дел од документите стои основното училиште, а на дел Општината.

 

 

Нејасно е и тоа што во постапката се бара сумата да не надминува 2.000 денари со вклучен ДДВ, иако претходно било плаќано по 1.500 денари за дете. Разликата од 500 денари, пак, сега општината најави дека ќе го субвенционира за секоа дете.

На 29 јануари, Советот на Општина Аеродром донесе одлука за субвенционирање на топлиот оброк во основните училишта, во изност од 500 денари. Но, за да им се вратат овие пари на родителите, Општината ќе спроведе јавен повик на кој ќе може да учествуваат сите родители на децата кои користат топол оброк.

Се поставува прашањето зошто работата е искомплицирана и во постапката не е наведена сума од 1.500 денари, туку за 500 денари повисока и потоа разликата да се субвенционира?

Второто полугодие во осумте основни училишта во скопската општина Аеродром почна без топол оброк за учениците во одделенската настава. Еден ден пред почетокот на наставата родителите беа известени дека постапката за избор на најповолен понудувач за топол оброк уште не е завршена. Претходната постапката била поништена на 24, јануари, и во истиот дена се реализираше и изборот на новата фирма која два месеци ќе треба да обезбедува оброк за повеќе од 2070 деца, а во вредност од околу 100.000 евра.

Но, и покрај навидум решениот проблем со низа законски нерегуларности, избраната фирма од денеска нема да доставува храна за децата чии родители не го потпишале договорот за исхрана. Објаснувањето е дека фирмата за овие неколку дена претрпела загуба бидејќи топол оброк доставувала за сите деца кои претходно се хранеле во училиштата, а дел за дел од нив родителите се уште не ги потпишале новите договори.