четврток, 20. септември 2018. Вести денес: 5
home Скопје

Граѓаните за спас на Водно до Шилегов: Каприциозни сме затоа што не дозволуваме да се уништува заштитено подрачје, кога има алтернативи?

Граѓаните за спас на Водно до Шилегов: Каприциозни сме затоа што не дозволуваме да се уништува заштитено подрачје, кога има алтернативи?

Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ со отворено писмо до градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов порачуваат дека навредите на граѓанските активисти никогаш не се добра ПР стратегија.

Во продолжение интегрален телст од Каприциозните граѓани за спас на Водно до градоначалникот Шилегов.

Градоначалниче Шилегов,

Вчера пред медиумите зборувавте дека активистите против изградбата на гасовод низ Водно, ги игнорирале фактите и биле каприциозни. Во изминативе неколку месеци, на тема гасовод низ Водно, стотици аргументи и факти Ви беа ставени на располагање, и Вам и на претставниците на другите инволвирани институции. За да бидеме попрецизни, уште пред неколку месеци, ние како активисти Ви ги дадовме клучните податоци за трасата, нејзината должина и штетата по природата и планината. До тогаш вицепремиерот Анѓушев беше уверен дека се работи за само 600 метри по што се договоривме заедно да се качиме на Водно и го провериме тој податок на лице место. Измената на трасата во потег од 4.3 км се должи токму на тие факти презентирани од наша страна. Факт е дека до ден денешен не е презентирана компаративната анализа врз која се донела одлука трасата да помине низ Водно. Факт е дека договорот за заемот од 90 милиони евра со Дојче и Ерсте банка за изградба и на овој гасовод не е даден на увид. Факт е дека има низа на нерегуларности во целата постапка, дел кои ги наведовме и доставивме и до Вас и до надлежните инспекторати. Факт е дека Вие во декември и март баравте

-преиспитување на трасата на гасоводот,

-изготвување на нова оцена на влијание врз животната средина,

-повторување на постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот,

-наведувате дека од 53 документи врз основа на кои е издадено одобрението за градење, нема документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје

– потенцирате дека не било земено предвид дека трасата на гасоводот минува низ заштитениот локалитет парк-шума Водно. Интересно како тогаш парк-шумата Водно била заштитено подрачје, а сега не е. Или тогаш или сега не ја кажувате вистината. Во било кој случај тоа зборува за Вас и Вашиот интегритет и како фактите се менлива категорија по потреба.

Велите сме биле малкумина и сме биле каприциозни. Каприциозни затоа што не дозволуваме да се уништува заштитено подрачје, кога има алтернативи? Каприциозни сме затоа што ја работиме Вашата работа, затоа што со активни членови од важечки закони ве демантираме Вас и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, кога велите дека Водно не е заштитено, и со тоа да си олесните на Вашата совест што ќе дозволите да се уништува парк-шумата Водно и Ви го загрозат градот? Каприциозни затоа што не дозволуваме опасност по жителите во подножјето на Водно од лизгање на земјиштето? Каприциозни зошто редица процедури, закони, конвенции се прекршени во целата постапка на изградба на овој гасовод и тоа Ви го укажуваме?

Господине Шилегов, додека Вие нè убедувавте дека ќе ја глумите кокошката која ќе се сопне по сопствено уверување, во најдобриот час, за да не се продаде лесно, не најдовте за потребно да дојдете на терен со нас, да ги видите „фактите“, оставајќи ги претставниците на другите институции со врелиот костен на погрешни информации, да се печат пред новинарите, за цело тоа време, Вие и Вашите советници, на многуте состаноци кои ги имавме минативе месеци ни потврдувавте дека сме 95% во право, за сега во првиот момент кога се најдовте под притисок на политиката, во јавност да не навредувате?

Конечно, велите сме биле малкумина. Побарајте од Вашите многубројни нови и стари советници во градот, да ви направат реална проценка на жителите на Скопје кои се против изградбата на гасовод низ Водно. Побарајте ако можат да Ви направат анализа за граѓанското незадоволство од уште еден обид да се уништи парк-шумата. Нека Ви ги кажат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, ама нека ги исчистат Вашите партиски ангажирани коментирачи, за да можете конечно да добиете чувство за јавноста. Ако ништо друго, нека Ви ги прочитаат здруженијата и иницијативите кои стојат зад потписот на Го Сакам Водно, комплетно обединети зад овој став.

Да, знаеме, дека ќе најдете контрапротестанти, неколку пати ни беше дадено на знаење, да не кажеме закането со нивно активирање, а еве на последната дебата кај што бевте домаќин, некои од нив беа донесени, веројатно убедени дека играњето на националистичката карта ќе не поколеба и исплаши.

Градоначалниче Шилегов, навредите кон граѓанските активисти, никогаш не се добра стратегија за ПР. Во политички контекст многу брзо ќе сфатите дека претворајќи ги граѓаните кои волонтерски работат за општествен бенефит, при тоа во добар дел работејќи ја и Вашата работа (грижа за загадувањето, за животната средина, за чистотата, за животните…) во непријатели, најочигледно ќе се рефлектира врз Вашиот углед. Притоа, ниту првата година од вашиот четиригодишен мандат не е измината. Што Ве чека допрва ако сега сме каприциозни и малкумина?