понеделник, 19. ноември 2018. Вести денес: 12
home Скопје

Граѓаните гневни на челниците на ЈСП и Град Скопје: Вие на работа одите со луксузни возила, нас ни ги праќате старите автобуси

Граѓаните гневни на челниците на ЈСП и Град Скопје: Вие на работа одите со луксузни возила, нас ни ги праќате старите автобуси

Големи гужви, нервозни граѓани кои доцнат на работа, турканици, пензионери, мајки со мали деца. Ова е сликата рано наутро на автобуските станици во Скопје.

Рано утрово, во населбата Лисиче, граѓаните доживеаја хаос. Два автобуси воопшто не дојдоа, оној кој дојде после нив околу 7:10 часот беше преполн и не можеше да качува патници. Следните два автобуси беа стари, скршени и повторно преполни.

Граѓаните доцнеа на работа поради автобусите кои воопшто не беа пуштени да сообраќаат и поради тоа што во старите автобуси, секако собира помалку луѓе, па не ни можеа да се качат внатре. Бремени жени и мали деца се туркаа во гужвата за навреме да стигнат на работа или во училиште, а старите луѓе едвај стоеја во таа гужва.

Скопјани не го криеја својот гнев. Велат дека ова се случува често и покрај новиот распоред на ЈСП, автобуси не доаѓаат, а оние кои доаѓаат се од старите.

Деновиве во редакцијата на Курир стигнаа и поплаки од лица од други скопски населби, кои поради овие проблеми се приморани да пешачат до своето работно место или да плаќаат за такси превоз.

-Секое утро чекаме повеќе од половина час, затоа што не доаѓаат сите автобуси. Но, различен автобус не доаѓа. Еден ден тој во 8 часот, друг ден тој во 8:20 го нема.

-Ова е срамота и не е фер. Ова е понижување за нас.

-На надлежните секако дека не им е воопшто грижа за нас. Ние сме обични смртници.

Ова се дел од коментарите на граѓаните. Утрово во Лисиче се одвиваше дебата на повисок тон, од страна на граѓаните кои имаа проблем бидејќи доцнат на работа.

-Како не им е срам на овие од ЈСП? Па која година сме? Зошто ни ги праќаат старите автобуси. Цели се со скршени прозорци и седишта, дува од сите страни, вели еден граѓанин.

Друг му одговара: Зошто да им е срам? Па градоначалникот на Скопје и директорот на ЈСП си одат на работа со луксузните автомобили. Нас ни ги праќаат стариве автобуси, па уште треба да сме среќни ако ни пратат ваков, затоа што дел не ни доаѓаат.

Инаку, работата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и на директорот на ЈСП, Кристијан Чушков, изминатиов период ги следат бројни скандали, за кои Курир веќе пишуваше.