четврток, 22. август 2019. Вести денес: 99
home Скопје

Град Скопје ќе формира јавно претпријатие за третман на уличните животни

Град Скопје ќе формира јавно претпријатие за третман на уличните животни

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска на прес-конференција соопшти дека донел одлука Град Скопје да почне постапка за формирање ново јавно претпријатие што ќе биде задолжено исклучиво за третман и за благосостојба на уличните животни.

– Стационарот „Вардариште“ повеќе нема да биде во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, туку ќе добие еднаков приоритет со другите јавни претпријатија што се занимаваат со комунални дејности во градот како што се хигиената, паркирањето, одржувањето на парковите, зеленилото и јавниот превоз на патници, рече Шилегов.

Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ќе ги преземе сите активности кои опфаќаат заловување на животни скитници, нивна стерилизација, ветеринарна грижа, регистрација и процедури за вдомување од страна на заинтересираните граѓани.

Постапката околу формирањето на новото јавно претпријатие, како што рече, тече паралелно со процесот на чипирање на домашните миленици со цел истовремено кога ќе заврши овој процес да почне да функционира новиот стационар на Град Скопје.

– Го спречуваме механичкиот прилив на животни на улицитеод неодговорните сопственици и новиот систем ќе овозможи полека, стратешки нашиот град да се справи со овој проблем. Овој проблем бара вклучување на повеќе институции на локално и на национално ниво, вклучување на граѓанските активисти и здруженија со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум на начин на кој ќе се обзбеди нивна благосостојба, но истовремено ќе гарантира и безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини, рече Шилегов.