петок, 20. мај 2022. Вести денес: 95
home Скопје

Функционираат вратените ноќни линии на ЈСП Скопје

Функционираат вратените ноќни линии на ЈСП Скопје

Веќе трета седмица во главниот град се ставени во функција ноќните линии на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, и тоа со 11 автобуски линии: 2, 5, 7, 22, 24, 41, 50, 57, 61, 63 и 65Б. Воведувањето на ноќни линии е почеток на промените за подобар јавен градски превоз што е дел од програмата на раководството на ЈСП и на Градот Скопје.

На овој начин за скопјани се обезбедува јавен превоз и за време на ноќните часови, што беше укинато како опција од минатото раководството на Градот пред две години.

Автобуските линии 2, 22, 24, 41, 57 и 65Б, ќе сообраќаат секој ден, а преостанатите ќе бидат во функција во деновите од викендот или комбинирано, како и за време на празниците.

Станува збор за исполнето ветување, откако два дена пред локалните избори кои се одржаа на 17-ти октомври 2021 година, сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска која беше поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во тоа време кандидат за должноста вети дека во првите 82 дена од нејзиниот мандат ќе се вратат во сообраќај редовни ноќни линии на ЈСП, особено за време на викендот.

-Во првите 82 дена од мојот мандат преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акционен план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје во својата предизборна кампања.

Инаку, во минатото ЈСП повеќепати ги повлекуваше ноќните линии од сообраќај поради тоа што имаа многу слаба искористеност и носеа загуби за претпријатието. Економската неисплатливост беше посочувана како причина за нивното укинување, а низ годините тие повремено функционираа само за манифестации како Бела ноќ, кога во центарот на Скопје имаше поголема фреквенција на граѓани.

На 28 декември 2021 година, Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, објави официјално соопштение во кое посочува дека од овој датум во функција се враќаат ноќните линии.

-Почитувани корисници на јавниот превоз, Ве информираме дека од денеска, вторник (28.12.2021 год) почнуваат да функционираат ноќните линии и тоа: 2, 5, 7, 22, 24, 41, 50, 57 и 65В. Воведувањето на ноќни линии е почеток на промените за подобар јавен градски превоз што е дел од програмата на раководството на ЈСП и на градот Скопје. На овој начин за скопјани се обезбедува јавен превоз и за време на ноќните часови, што беше укинато како опција од минатото раководството на градот пред две години. Автобуските линии 2, 22, 24, 41, 57 и 65В, ќе сообраќаат секој ден, а останатите ќе бидат во функција во деновите од викендот или комбинирано, како и за време на празниците, објавија од ЈСП Скопје.

Коронавирус