четврток, 22. август 2019. Вести денес: 99
home Скопје

Еко активистите на протест побараа поголема контрола на „Дрисла“ (ФОТО)

Еко активистите на протест побараа поголема контрола на „Дрисла“ (ФОТО)

Смена на правилникот за извршување инспекциски надзор, усогласувајќи го со Европската Унија нормативита за диоксини, формалдехиди и фурани. Во најбрз можен рок да се донесат правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор. Да се раскине договорот со италијанската фирма-концесионер „ФЦЛ Амбиенте“, поради неисполнување на договореното за „Дрисла“.

Ова се барањата на еко-активисти од разни организации и иницијативи, кои денеска здружени како Движење за чист воздух одржаа предупредувачки протест пред влезот на депонијата „Дрисла“.

Според еко-активистот Тони Никушевски, „Дрисла“ е една од големите критични места во Скопје и Македонија кога станува збор за загадувањето.

„Најголемиот проблем е што најопасниот отпад од целата држава завршува во оваа депонија. ‘Дрисла’ нема добиено акредитација Министерството за животна средина за депонирање на таков отпад“, рече Никушевски,

Тој потенцирше дека е потребно раскинување на договорот со „ФЦЛ Амбиенте“ зашто, вели тој, немаат вложено ниту евро во „Дрисла“ за да ја направат депонијата адекватна за употреба.

Што се однесува до опасниот отпад, Никушевски вели низ светот тој повеќе не се увезува. Стоката која тргнува од европски центри, или од големи градови кон трети земји, не се декларира според Базелската конвенција, туку, нагласува активистот, се декларира како репроматеријал или суровина.

На тој начин, се одбегнува регулациската рамка и на тој начин опасната стока стигнува до вакви трети земји. Третите земји немаат контролни механизми, немаат царински служби. Сето она што влегува во државата и, од едноставна причина, ние не може да знаеме дали понатаму во државата ќе се увезува таков тип на отпад, се додека не покаже дека има функционални контролни механизми. Жално е што имаме Правилници, методологија на работа достапни на страната на Министерството, во подзаконските и законските акти, но тие се носени 1976 година. Пишувани се на машина за куцање и не соодејсвуваат со денешните потреби“,вели еко-активистот Никушевски.

Додека пак Драги Змијанац од „Меѓаши“ праша што се гори во печките на „Дрисла“? Односно, што се складира, каков отпад и каков е третманот на тој отпад?

„Дали се запазуваат законите, стандардите и европските регулативи? Дали се увезува отпад од други земји? Дали се декларира тој отпад како отпад? Дали се придржуваат до максималниот капацитет на горење на печките на Дрисла? Дали има соодветни филтри? Одредени извори покажуваат дека печките се дупло оптоварени од што треба. Што превземаат државните органи, посебно инспекторите? Колку често доаѓаат на контрола? Има ли ноќни ненајавени смени, и дали филтрите се соодветни за фурани и диоксини?“, праша Змијанац.

На протестот пред депонијата беше присутен и Ариајнид Џафери од тетовската организација „Еко-герила“. Го повтори барањето за забрана за увозот на отпадот во Македонија.

Го повика премиерот Зоран Заев и владата на СДСМ итно да го сменат законот за увоз на отпад.

Според Џафери, забраната за отпад значително ќе придонесе во намалување на загадувањето, особено во Скопје.

„Сериозни сомневања за согорување на отпад во ‘Дрисла’, без соодветни стандарди, е една од причините за аерозагадувањето. Како и во минатото, постои лавиринт на транспарентност каков отпад навистина се увезува од странство и се согорува во Македонија. Иако во Скопје беа преземени неколку мерки за загадувањето, очигледно е дека не се намали. Сите мерки ќе бидат козметички доколку не се забрани овој отпад. Македонија нема капацитет да се справува со сопствената количина на отпад. Увозот на отпадот од држави од ЕУ останува сомнеж за корумпираните врски и импликации на интересите на интересите на мафијата. Бараме и од Јавното Обвинителство да ја испита оваа активност, без влијание на бизнис интересите и политиката“, рече Џафери.

Еко-активистот Марјан Ненов од Движење за чист воздух нагласи дека доколку не се решат овие прашања, сериозно не се разгледаат за 15 денови, ќе се организира помасовен протест, со вклучување и на населението.

Исто така, рече тој, сакаат да дадат јасна порака на политичарите – дека не им веруваат.

„Се повеќе веруваме дека постои нивна вмешаност во овој бизнис, затоа што загадувањето е бизнис, а се помалку веруваме во нивната неспособност да го решат ова. Господа политичари, исчистете си го вашето ѓубре, затоа што пред избори ќе ве поклопи“, рече Ненов.