вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 2
home Скопје

Едукативни тури низ Скопје како дел од проектот „Дестинација Македонија“

Едукативни тури низ Скопје како дел од проектот „Дестинација Македонија“

Промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Република Македонија од различни периоди е целта на едукативни тури низ Македонија во рамки на кампањата „Дестинација Македонија“! што ги организира Центарот за научни истражувања „ХАЕМУС“ од Скопје.

Првата едукативна тура е за „Отоманското наследство на Скопје“, која ќе се одржи на 14 октомври, следат за „Палатите на старо Скопје“ на 21 октомври и „По стапките на древните Римјани“ закажана на 28 октомври. Како што наведуваат од ХАЕМУС, сите тури се осмислени со цел учесниците да поминат низ искуство, знаење, интеракција и, секако, многу забава додека го запознаваат културното наследство на Република Македонија.

– Турите кои ги организираме се необични и ретко може да се најдат на пазарот, бидејќи се создадени на тој начин додека трае прошетката да бидат во активна интеракција со учесниците. Посетителите се едуцираат, но и споделуваат знаење и информации за локациите кои се посетуваат, покрај кои поминуваат катадневно, а сепак многу малку знаат за нивното пошироко антрополошко значење, изјави Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС“.

Настаните се организираат под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси (ОЕР), а во рамките на Европската година на културното наследство. Дел од турите се поддржани со логистика од град Скопје, а за сите учесници се обезбедени обемни печатени водичи во издание на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.