сабота, 18. јануари 2020. Вести денес: 1
home Скопје

Центарци со месеци газат во кал: Реконструкцијата која ја најави Богдановиќ изгледаше амбициозно, имплементацијата е катастрофа (ВИДЕО)

Центарци со месеци газат во кал: Реконструкцијата која ја најави Богдановиќ изгледаше амбициозно, имплементацијата е катастрофа (ВИДЕО)

Речиси три месеци жителите на улицата „Димитар Пандилов“ во Општина Центар се затрупани во земја и кал, велат, градежните работи за реконструкција на нивната улица никако да завршат.

Жител на оваа улица кој ја контактираше нашата редакција вели дека проектот кој го најавил градоначалникот Саша Богдановиќ на хартија изгледал навистина убаво и амбициозно, но според него имплементацијата е катастрофа.

-Три месеци едвај се поминува со возило, постојано сме со кал, насекаде низ улицата има дупки, езерца полни со вода. Шетаме со гумени чизми. Се работи многу забавено, некои денови има активности, некогаш ништо не се случува, вели жителот од оваа улица кој ја контактираше редакцијата на Курир.

Тој посочи и дека се прави дислокација на постоечките водоводни цевки кои жителите ги имаат во дворовите и истите се приклучуваат на улица. Ангажирани биле и екипи на ЕВН и телекомуникациските оператори.

Екипата на Курир денес отиде на улицата, за на терен да ја видиме состојбата. Градежната машина која требаше да работи беше исклучена. Иако нашата екипа ја изоде целата улица, никаде не можевме да забележиме било какви градежни активности, поврзани со реконструкцијата на улицата „Димитар Пандилов“.

Одговор за тоа до каде е реконструкцијата на улицата „Димитар Пандилов“  и кога се очекува истата да заврши, побаравме од Општина Центар.

-Улицата „Димитар Пандилов“ е во завршна фаза, приклучоците до објектите се очекува да бидат завршени во текот на наредната недела. Не се прави дислокација на вододната мрежа, туку се поставува нова, одговорија од Општината.

Реконструкцијата на улицата, Богдановиќ ја најави на 12 септември годинава. Богдановиќ на прес-конференција тогаш истакна дека реконструкцијата опфаќа замена на стариот коловоз, со вкупна површина од 2.825 метри квадратни и поставување на нова атмосферска канализација во должина од 380 метри.

Градоначалникот најави дека застарената водоводна мрежа и цевките ќе се заменат со нови, полиетиленски. Во рамки на реконструкцијата 565 метри рабници треба да бидат заменети со нови и тротоарите со површина од 703 метри квадратни да бидат целосно реконструирани.