сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 128
home Скопје

Арсовска: Скопје ќе биде почетокот на промените во цела Македонија

Арсовска: Скопје ќе биде почетокот на промените во цела Македонија

Имаме решенија за Скопје, план како да го направиме Скопје модерна европска метропола со чисти улици, со непречен сообраќај, со паркови и зеленило, со чист воздух за нашите деца – ете тоа сакаат да го видат скопјани, а не лажна пропаганда и лажни вести, рече независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на вечерашниот голем митинг пред Филхармонија, додавајќи дека на граѓаните им е доста од лаги и политичари како Заев и Шилегов, а Скопје ќе биде почетокот на промените во Македонија.

– Последните денови од оваа кампања покажаа појасно од било кога досега дека на Скопје му требаат промени, дека и на Македонија и требаат промени. Последните неколку дена од оваа кампања го открија вистинскиот лик на владејачката партија, ликот на премиерот и ликот на градоначалникот во заминување. Сè што слушнавме од нив беа лаги, лажни вести и навреди. Никој веќе не ви верува, вашата црна кампања за жал нема да ве спаси. Граѓаните сакаат лидери кои стојат на својот збор. Сега е вашето време да се извините – не на мене, затоа што на мене многу неправда ми нанесовте. Време е да се извините на граѓаните кои секојдневно ги лажете. Време е да се извините што не исполнивте 95 отсто од вашите ветувања, господине Шилегов – за запоставување на Скопје, за нерешавање на сообраќајниот хаос, за уништување на нашето зеленило и за несправување со загадувањето на нашата животна средина, им порача Арсовска од вечерашниот митинг.

Според нејзе, токму граѓаните, скопјани се тие кои ќе им одговорат на црната кампања која ја води владејачката партија, со тоа што во недела на 31 октомври ќе одберат да гласаат за модерно Скопје.

– За секој чесен граѓанин на Скопје и на Македонија е срам да биде сведок на вашата црна кампања. Ова зборува и сведочи до каде сте се способни да одите, само да си ги задржете власта и парите. Но, граѓаните ќе ви го дадат вашиот одговор на гласачките ливчиња в недела, кога ќе гласаат да дојде едно модерно европско Скопје, ќе гласаат за долго посакуваната промена, за нов стил на менаџирање, каде во фокусот се решенијата, а не политичките пресметки. Скопје, драги наши скопјани, ќе биде почетокот на промените во цела Македонија, заклучи Арсовска.

Коронавирус