четврток, 2. декември 2021. Вести денес: 163
home Скопје

Арсовска: Нашата цел за 2025 година е намалување на употребата на автомобили, а за сметка на тоа зголемување на користењето на јавниот превоз, велосипедите и пешачењето

Арсовска: Нашата цел за 2025 година е намалување на употребата на автомобили, а за сметка на тоа зголемување на користењето на јавниот превоз, велосипедите и пешачењето

Капитален проект кој го наведува како проект од приоритетно значење е создавањето пет булевари за подобра поврзаност на Скопје, а во програмата планира и изградба на иновациски парк во кој треба да се привлечат нови инвеститори и тоа гиганти од информатичко технолошката индустрија. Данела Арсовска е независен кандидат за градоначалник на Скопје регионот кој има најголемо учество во вкупниот БДП на државата. Во Скопје се и голем дел од компаниите во државата кои вработуваат најголем дел од активното население, а таа доаѓа од приватниот сектор и вели дека ќе биде менаџер на градот. Вели дека економските проекти се меѓу приоритетите. Не отстапува од ветувањето за бесплатен јавен превоз, набавка на нови автобуси, за кои вели дека има решенија за финансирање.

И покрај тоа што ова е повеќе економско интервју би ве прашала прво очекувате ли да победите на изборите со оглед на тоа што и покрај тоа што локалните избори се избори на кои се гласа за човек, вашиот главен противкандидат ја има поддршката и од неговата матична партија и од коалициониот албански партнер ДУИ со кој моментно се во владејачката гарнитура?

Арсовска: За разлика од досегашни градоначалници кои што биле предложени од страна на политички партии, јас сум независен кандидат кој прво поддршка и потписи за кандидатура доби од граѓаните и тоа го сметам за предност. Како родена скопјанка, нашето Скопје го гледам низ призмата на секој еден жител на градот кој не е задоволен од сегашните состојби во кои тој се наоѓа. Како градоначалник ќе се залагам за квалитетно управување со главниот град и во соработка со жителите ќе се реализираат брзи, квалитетни и сигурни решенија за проекти од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град. Како прв човек на градот ќе ги мотивирам и поттикнам скопјани активно да се вклучат во креирањето политики на ниво на Град Скопје. Ќе се борам за зелено и модерно Скопје, за сообраќаен ред, за повеќе паркинзи, бесплатен јавен превоз, за град кој што ќе биде центар на културни случувања, град со паркови и зелени површини.

На нашиот град му е неопходно квалитетно менаџирање за да ги промениме сите политики кои до сега се покажаа како неуспешни. Знам како, можам и сакам да го претворам нашето Скопје во европска метропола и да ги предводам овие позитивни промени!

Вас ве поддржа опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии Алијанса на Албанците и Алтернатива. Колку ви е значајна поддршката од овие партии или колку ја сметате и за бреме со оглед на тоа што некако ви се ставаат на товар некои нивни минати грешки?

Арсовска: Јас се кандидирам како независен кандидат, никогаш не сум била член на ниту една политичка партија. Со кандидатурата побарав поддршка од сите граѓани на Скопје што ја имаат истата желба како јас, а тоа е Скопје да биде модерен град, град кој ќе функционира во служба на граѓаните. Верувам дека многу од нив ги препознаа и квалитетите и интегритетот кои ги поседувам и ќе се посветам во поместување на градот од сегашната состојба на стагнација. Поддршката од политичките партии, ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ја истакнаа за мене, за мојата програма и визија за Скопје откако веќе се кандидирав и ќе имам можност со мандат да докажам дека може подобро од ова што сега го гледаме во Скопје. И од позиција на градоначалник на Скопје ќе се водам од принципи на меритократија, квалитет, интегритет, вистински систем на вредности, со програма што ќе го трансформира Скопје во модерен град со кој ќе се гордееме.

Со оглед на тоа што се борите за прв мандат ве прашувам прво какви капитални проекти планирате за градот, најавувате пет нови булевари/ продолжување на постојните и нови обиколници. Како ја позиционирате стратегијата во овој дел?

Арсовска: Програмата што ја составивме има проекти, во десет области кои се директно поврзани со секојдневието на скопјани. Уште во првите 82 дена од мандатот ќе се посветиме на чистење на сите диви депонии во градот и околината. Програмата за скопјани со мојот мандат дава решение за моментално најголемите проблеми во градот, како сообраќајот, во смисла на поврзување на различни делови од Скопје, еколошки бесплатен и достапен јавен превоз, значително зголемување на зелените површини, гасификација на Скопје што воедно е дел од решението за чист воздух.Сите проекти од програмата се во области што ги засегаат граѓаните и нивниот живот, од економски и социјално, инфраструктурно, културно и социолошки, од доменот и надлежностите на градоначалникот и локалните власти.

Капитален проект кој е од приоритетно значење е создавање на 5 булевари за подобра поврзаност на Скопје. Затоа со отпочнување на изградба на булеварот Хрватска во соработка со централната власт, продолжување на булевар Борис Трајковски до Драчево, продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, како и проширување на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со булевар „Ѓорче Петров“ со 4 ленти значително ќе се растовари сообраќајот од хаосот во кој сега се наоѓаме. Со овие булевари ќе се придонесе за намалена бучава, подобар проток во сообраќајот и ќе претставува битен чекор кон создавање модерен и функционален град.

Прилично доста гласно во јавноста се коментираше вашата најава дека јавниот превоз ќе биде бесплатен во ваш мандат. Што тоа значи и која е крајната цел, како тоа ќе помогне за намалување на сообраќајниот хаос?

Арсовска: Сведоци сме на лошо менаџирање на ЈСП поради непродуктивни трошоци, непостоење на систем за брз и ефикасен превоз кој само во првата половина од 2021 година има загуба од 139 милиони денари. Решението за БРТ ниту е добро, ниту со него се решаваат проблемите на скопјани. Ќе се бара решение за мостот Обединети Нации што е дополнителен трошок, ќе се уништи зелен појас по Партизанска, ќе се направи гломазен нефункционален систем кој нема да допре до секое населено место во градот.

Постојат едноставни решенија за хаосот со транспортот во градот. Овие решенија подразбираат набавка на 250 нови еколошки автобуси, нов возен ред каде автобусите ќе сообраќаат во точни куси временски интервали со обезбедување на бесплатен превоз за сите скопјани. Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Овој проект за целосно бесплатно квалитетен јавен градски автобуски превоз ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор. Нашата цел за 2025 година е намалување на употребата на автомобили, а за сметка на тоа зголемување на користењето на јавниот превоз, велосипедите и пешачењето.

Најавувате и набавка на нови автобуси, кои се можностите за финансирање и кои ќе бидат вашите конкретни решенија за јавниот превоз освен постојниот автобуски?

Арсовска: Првенствено заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси. Се обврзуваме дека по 2022 година нема да се купуваат автобуси на фосилни горива како бензин и дизел, по примерот на многу европски градови, во склад со Парискиот договор и ЕУ Директивата, а во насока на намалување на емисијата на штетни гасови.

Во Скопје ќе започнеме со набавка на 150 ЦНГ автобуси. Такви автобуси на компримиран гас ЦНГ и биогас има во Љубљана и Тбилиси. Потоа ќе набавиме и 100 електрични, за кои ќе се обезбеди и прилагоди инфраструктура во ЈСП, по примерот на современите европски метрополи.

Начинот на финансирање е преку фондови од ЕБРД и други донатори, за кои како пример можам да ги посочам Тбилиси, Софија и Нови Сад. Тбилиси има 1,1 милион жители, а градската власт направила набавка на 144 нископодни еко-автобуси на компримиран гас (ЦНГ) преку заем од 27 милиони евра додека ЕБРД обезбеди 7 милиони евра неповратни средства, односно грант од Фонд кој ЕБРД го менаџира. Проектот вклучува посебна компонента за обука на жени-возачи, во насока на поголема родова еднаквост. Во 2019 година државата направила дополнителна набавка на 176 еколошки автобуси за 6 градови во Грузија. Бенефитот е 34 проценти намалување на емисијата на гасови. Софија реализира набавка на 30 електрични автобуси преку заем и плус средства од Green Economy Special Fund, со очекуван бенефит од намалување на емисијата на штетни гасови во градот од 54 отсто.

Целото интевју прочитајте го на фактор.мк

Коронавирус