петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 151
home Скопје

Арсовска на средба со Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“: Ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се овозможи пристап до сите места во Скопје за лицата со попреченост

Арсовска на средба со Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“: Ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се овозможи пристап до сите места во Скопје за лицата со попреченост

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со претставници од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“, со кои разговараше за нивните актуелни проблеми и предизвици, а беа дискутирани и нивните барања во насока на унапредување и подобрување на секојдневното функционирање на лицата со попреченост.

– Добар дел од барањата на лицата со попреченост во рамките на остварување на нивните права, веќе се дел од моите заложби и дел од приоритетните проекти од мојата програма. Ќе се вградат рампи и лифтови во сите јавни установи, а Градот Скопје ќе го мотивира и поддржи и приватниот сектор да го следи овој пример. Се предвидува и инфраструктурно подобрување во сообраќајот со воведување семафори со звучна сигнализација и тактилни патеки за слепите и лицата со оштетен вид, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за полесен пристап на лицата со инвалидитет. Ќе се зголеми и бројот на социјални работници кои што ќе ги придружуваат во училишните клупи учениците со попреченост, а за најмладите ќе бидат изградени специјални инклузивни игралишта, истакна Арсовска на средбата.

Претставниците од Здружението уште посочија дека долго чекаат да стигнат на ред за остварување на своите права поради што бараат брзи и ефикасни решенија и поголем слух и поддршка од институциите.

– Нема да дозволам незадоволството кај оваа категорија граѓани уште повеќе да расте, затоа се обврзувам на взаемен дијалог и изнаоѓање конкретни решенија, уште на почетокот на мојот мандат. Сметам и дека е неопходно лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општествениот живот. За потребата на поголема инклузија и нивно вработување планирана е реализација на проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, заклучи Арсовска.

Коронавирус