сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 46
home Скопје

Арсовска: Ако се работи за граѓаните со јасен план Скопје ќе биде поубаво место за живеење

Арсовска: Ако се работи за граѓаните со јасен план Скопје ќе биде поубаво место за живеење

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва оствари средба со граѓани од Гази Баба и посети повеќе населени места каде разговараа за проблемите со кои се соочуваат жителите од оваа општина. Граѓаните на овие средби истакнаа дека немаат време за чекање и слушање нови празни ветувања за кои не се сигурни дека воопшто ќе бидат реализирани од актуелната градска власт. Напротив бараат брзи и квалитетни решенија кои ќе ги решат суштинските промени со брзи и сигурни проекти, без одлагање.

– Сè може да направиме само доколку навистина се сака, а ние заедно со скопјани ќе направи многу за нашиот град. Ако се работи домаќински, без да се краде и да се работи единствено во служба на градот и граѓаните, Скопје може да биде и ќе биде поубаво место за живеење за сите нас. И јас се обврзувам дека ќе ги реализираме сите работи кои им значат на сите скопјани. Не може во 21 век да има заборавени населби како што се Јурумлери, Трубарево, но и многу други населени места ширум градот. Немање фекална канализација, прекини во водоснабдувањето, неасфалтирани улици се само мал дел од проблемите со кои се соочуваат голем број жители од општина Гази Баба. Системски, со брзи и ефикасни решенија ќе понудиме подобар, поквалитетен живот за сите скопјани. Ќе понудиме сообраќајни решенија за растеретување на сообраќајниот метеж во овој дел од градот, ќе проектираме и нови водоводни кракови за чиста вода за пиење до секој дом во општина Гази Баба, нови автобуски линии и нови автобуски станици во секое населено место и повеќе зелени површини. Еден од петте мега паркови е предвиден за изградба токму во оваа општина, вели Арсовска од средбата со граѓани во Гази Баба.

Таа од Гази Баба на скопјани им порача дека времето на ветувања без реализација е завршено и време е вистински луѓе кои се грижат за својот град, да добијат шанса, да покажат дека Скопје може да биде убаво место за живеење како што заслужува секој еден граѓанин.

– Оние кои ветуваа нов тунел под Кале, училишта, гасификација на домаќинствата, булевар Хрватска во Гази Баба и надвозник во Автокоманда, ветуваа нови улици и зелени површини, како и ревитализација на парк-шумата Гази Баба, па дури ветуваа и по една овошка за секој средношколец, не реализираа ништо. И сега повторно со истата програма бараат доверба од граѓаните за уште нови четири години без притоа да дадат отчет каде и на што ги потрошија парите на граѓаните во изминатите четири години. Јас верувам дека граѓаните ќе ги казнат овие погрешни политики во недела на 31 октомври. Доаѓа време на промени, за модерно Скопје, за Скопје на сите скопјани, додаде Арсовска.

Коронавирус