понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 178
home Скопје

Анима Мунди со остри критики до Петре Шилегов

Анима Мунди со остри критики до Петре Шилегов

Има ли пилот во авионот? Вака го започнуваат своето обраќање  од Здружение за заштита на животните Анима Мунди,  до градоначалникот  на Град Скопје, Петре Шилегов.

Истото го пренесуваме во целост

По повеќе од третина изминат мандат на градоначалникот Шилегов, Градот Скопје врие од напуштени кучиња (расни и мешани, очигледно исфрлени на улица), додека пак стационарот по пат на дислоцирање на животните од едно место во друго вештачки создава глутници и дополнително прави хаотична ситуација. Имено, со разместување, животните станаа уплашени, со тоа раздразливи, непознати на локалното население и средина, одново оставени да се борат за извори на храна и територија. Вардариште има речиси 90% смртност на малите кутриња од епидемии, кои владеат во стационарот. Ни одблиску немаме показатели дека проблемот ќе биде решен.

За да пред два дена, од нигде никаде го слушнеме градоначалникот Шилегов како се обраќа до граѓаните сугерирајќи да му дадат иницијативи за евентуално“успивање“ на кучињата, која допрва од Градот би ги разгледувал.

Доколку дојде до иницијатива за промена на комуналната програма за подолго да ги чуваме или евентуално успивање тоа е нешто што допрва ќе го разгледуваме. Таква иницијатива не е стигната до мене. Ако граѓаните сметаат дека треба да има измени ги повикувам да се покрене таква иницијатива, ние ќе ја разгледаме, рече Шилегов.

Ова не го сметаме за лапсус, туку за осмислено и наменско сугерирање на други методи, кои се нехумани, кои во Скопје, во услови каде има премногу бездомни животни би значело убивање на секое второ куче. Иницијативи кои допрва би не уназадиле, кои нема да дадат никакви резултати и на кои најостро ќе се спротивставиме и кои нема да поминат!

Градоначалнику Шилегов, Анима Мунди ви има доставено иницијативи кои се проверени, докажани, ефикасни, економски исплатливи и хумани; кои трајно ги решаваат причините на проблемот делувајќи во неговиот корен, додека вие упорно се бавите со неговите последици и тапкате во место. Методите на кои инсистираме и Ви ги предлагаме се поддржани од најсилните светски организации, кои ја познаваат оваа проблематика а нивната примена дала успешни резултати во цел свет. За овие наши иницијативи Анима Мунди доби писмена поддршка од над 20 ЕУ парламентарци. Мерките кои ги предлагаме се НЕЗАМЕНЛИВИ доколку сакаме проблемот со бездомната популација да го третираме во неговиот корен и трајно да го решиме.

Кучињата не се на улица по сопствена вина.

Жалиме што во активистите, оние единствените кои знаат и умеат да помогнат, кои со сопствени ресурси дејствуваат како градски сервиси и помагаат 24/7 не увидовте партнер и сојузник во решавање на овој проблем. Инсистираме на третирање и решавање на коренот на проблемот: – прецизирање и измена на законска регулатива со која ќе се спроведе контрола во областа на домашните миленици и трговијата со истите, меѓу кое: 1) инсистирање на одговорното сопствеништво и казни за неодговорните, 2) кампањи за вдомување место купување миленик, 3) оданочување и контрола на секој кој тргува со животни, 4) оданочување на купено и репродуктивно способно куче, 5) кастрација на домашни миленици, 6) брза, масовна стерилизација на бездомните кучиња од Скопје и нивно ЗАДОЛЖИТЕЛНО враќање на териториите од каде потекнуваат и каде се познати на населението, каде природно ги штитат локациите од прилив на нови, нестерилизирани единки.

Ова е комплексен проблем и бара комплексно решавање. Тука нема причина било кој да нафрла идеи како ќе му текне затоа што Градот Скопје не е фабрика за исполнување на каприци и желби кои не само што нема да го решат проблемот, туку ќе направат “каша попара”. Се надеваме дека Градот е сериозна институција која има тим и знае и умее да ги решава проблемите на граѓаните, и знае кого е потребно да инволвира и консултира. Ситуацијата е алармантна, нема време за популизам, а нема ни услови за нехуман третман на животни, во тоа бидете уверени.

Се надеваме дека ја согледувате добронамерноста на ова обраќање и дека навреме ќе се откажете од сите потенцијални егзибиции кои последователно никому нема да му донесат ништо добро.

Здружение за заштита на животните Анима Мунди

 

Коронавирус