среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 181
home Скопје

Аеродромци утре на протест: Теренот не го даваме!

Аеродромци утре на протест: Теренот не го даваме!

Единственото спортско игралиште во основното училиште „Блаже Конески” ќе се урива за да се изгради детска градинка. Граѓани, родители, деца апелираат до градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин да не го уништува ова игралиште, а за градинка да бара друга локација. Токму затоа, утре во 12 часот ќе излезат на протест на теренот за фудбал и кошарка во дворот на училиштето.

-Локација: Терен за фудбал и кошарка во дворот на основното училиште, родители и деца да се собереме сите.
На 9 ноември, сабота, во 12 часот, ќе се одржи мирен протест на родителите и учениците од ООУ „Блаже Конески“, општина Аеродром, Скопје, со цел да им порачаме на одговорните лица дека нема да дозволиме изградба на градинка во дворот на училиштето.
Според најавите, општина Аеродром планира да гради градинка на местото на сегашното игралиште кое е дел од училиштето, место што се користи и за настава по физичка култура на отворено во топлите денови, но и воопшто за игра на учениците и за време на одморите, но и надвор од училишните активности.
Механизација веќе е присутна во училиштето, а притоа теренот никако не е oбезбеден, па градежните машини буквално минуваат меѓу растрчани деца.
Бараме сите активности за изградба да престанат – ВЕДНАШ.
Бараме да се стопира секаков план за изградба на друг објект во рамките на училиштето затоа што:
– не сакаме децата да ни учат и растат на градилиште и да дишат прашината
– не дозволуваме да им го земете просторот за игра!
Бараме градоначалникот Златко Марин и сите вклучени во проектот да донесат одлука базирана врз аргументи и во интерес на жителите на општината, пред сè, на децата.
На општина Аеродром, која е пренаселена во изминатите години, откако се изградија нови згради на секој слободен простор, секако ѝ се потребни нови градинки, но не на штета на други деца. Според претходните планови, градинка требаше да се гради на просторот на старото игралиште „Југ“, кое во моментов е руина и див паркинг. Зошто овој план е стопиран?
Зошто не се прошират и надградат постоечките објекти на градинки во близина на игралиштето што сакаат да го уништат – Калинка, Изворче, Бубамара…?
Зошто не се обидете да најдете пристојна локација и урбанистички оправдано решение?
Училишниот двор на ООУ „Блаже Конески“ веќе е делумно уништен со тоа што под концесија е даден дел од дворот, простор на кој денес се наоѓаат кафана, кафуле и игротека. На ниедно од овие не им е место во училишен двор – еве каде може да ја градите градинката, стои на Фејсбук групата „Да го спасиме теренчето во ООУ Блаже Конески, Општина Аеродром“.

-Единственото спортско игралиште во ОУ „Блаже Конески“ ќе се руши! Игралиштето кое секојдневно е полно со дечиња од Стар Аеродром и Мичурин и кое е единствено во тој дел од општината се руши. Претходното раководство го реконструираше и стави рефлектори за дечињата да можат и навечер да спортуваат, а сега некој решил сето тоа да го сруши за да се гради нова градинка. Апелираме до Златко Марин да не го уништува ова игралиште, а за градинка да бара друга локација!, велат граѓани на Фејсбук групата „Аеродром во моето срце“.