среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 166
home Скопје

„Аеродром сака да дише“ против одлуката на Уставниот суд: Марин мора да најде решение или ќе има протести

„Аеродром сака да дише“ против одлуката на Уставниот суд: Марин мора да најде решение или ќе има протести

Иницијативата „Аеродром сака да дише“ жестоко се спротивстави на одлуката на Уставниот суд во врска со парцелата кај Мајчин дом во општина Аеродром.

Уставниот суд денеска одлучи да ги одбие сите претставки, со што И10 останува активен урбанистички план за тој регион, а тоа значи дека инвеститорот има слободни раце да гради висококатница на парцелата кај Мајчин дом.

-Нашиот коментар за денешната одлука на Уставниот суд, е дека уставните судии биле преригидни во толкувањето на Уставот. Доколку сакале тие можеле да се повикаат на членот 57 од Уставот каде што пишува дека Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја. Спорниот ДУП не е донесен согласно овој член од Уставот бидејќи не е возможно сиот развој да се случува во градското подрајче на Скопје, додека останатата територија на Македонија е заборавена и неразвиена. Не би сакале да бидеме во кожата на градоначалникот Марин кој е ставен во тесно, но тој може да најде решение доколку размислува надвор од кутијата. Постојат бројни меѓународни организации за заштита на животната средина, како на пример Фондацијата на Леонардо ди Каприо, кои доколку Општината им се обрати би можеле да ја исплатат сумата за покривањето на трошоците на инвеститорот Етеми.
Временските услови се погодни за протест, и доколку се забележат активности на парцелата кај Мајчин дом, граѓаните веднаш ќе излезат на улица– вели активистката Искра Манојлоска од иницијативата Аеродром сака да дише.

По одлуката на Уставниот суд, кој денеска расправаше за претставките поднесени против деталниот урбанистички план за градска четврт И 10, а кој ја опфаќа и парцелата кај Мајчин дом, претходно се огласи и општината.

-Општина Аеродром е обврзана да ја почитува одлуката на судот, како институција со највисока надлежност за овој случај. За жал, исцрпени се сите механизми со кои Општината се обиде да го оспори ДУП И10 и да ја стопира изградбата на објектот кај Мајчин дом. Штетите од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во однос на урбанистичкото планирање се веќе направени. Градоначалникот Златко Марин и новото општинско раководство остануваат цврсто на заложбите за зголемување на зелените површини и гарантирање похумани услови во општината– се вели во соопштението на општината.

Новите урбанистички планови, додаваат од општината, се изработуваат за помалку урбанизираните делови, со цел да се заштити урбаното јадро од дополнителни градби. Оттаму велат дека овие планови се работат со повисоки стандарди, повеќе зеленило и повисок квалитет на живот.

Дополнително, Општина Аеродром е во процес на создавање партиципативно тело за урбанизам, со што им овозможува на граѓаните, здруженијата и на стручните лица директно учество во урбанистичко планирање на населбата.

Коронавирус