сабота, 28. март 2020. Вести денес: 96
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Општини

Жителите на Октиси бараат итно стопирање на уништувањето на шумата на Јабланица

Жителите на Октиси бараат итно стопирање на уништувањето на шумата на Јабланица

Да се повлечат машините за сечење на дрвја од шумата која го опкружува селото Октиси, да се поништат сите тендери што се распишуваат за сеча или слични активности, надлежните да преземат итни мерки за прогласување на планината Јабланица за национален парк. Ова се барањата на жителите на струшкото село Октиси кои денес преку мирен протест побараа да престане уништувањето на околната шума за која, како што тие тврдат, 70% е исечена.

Стоп за уништувањето на нашето најдрагоцено богатство-шумите во атарот на Октиси каде се наоѓаат и изворите од кои ние пиеме вода. Земјиштето е ерозивно и со сечење на шумата се зголемеува опасноста од лизгање. Го штитиме нашето право на живот. За остварување на профит ги загрозуваат животите на нашите деца и нивното право да дишат чист воздух и пијат чиста вода, рече на протестот претседателот на месната заедница, Енис Мемедоски.

Жителите укажуваат дека масовната сеча на околната шума трае со години, но велат, најинтензивно се уништува во текот на последните четири години.

Две локации, намерно или ненамерно, претходно беа опожарени па после се експлоатираше дрвото. Тоа беше случај со боровата шума, па потоа и со буковата шума, додава Самир Цановски, жител на селото.
Ова е наш апел до надлежните да го спречат уништувањето на шумата. Ова е наше богатство, нема да дозволиме понатамошно сечење. Остана само еден дел со шума, од западната страна, ако и таму ги исечат дрвјата нека ни ги спремаат гробовите, вели револтирано друг жител на Октиси.

Жителите на Октиси, меѓу кои и бизнисменот Фијат Цановски, потпишаа и петиција која ќе биде испратена до надлежните со која се бара итно стопирање на сечењето на шумата. Доколку не се исполнат нивните барања, велат ќе го радикализираат начинот на изразување на незадоволство, при што ќе добиат поддршка и од соселаните кои работат во странство, а чиј број е околу 4000.

ИЗВОР: Охридњуз