четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 124
home Општини

Жбогар во посета на Битола

Жбогар во посета на Битола

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар денеска ќе ја посети Битола како дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“, чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ во земјата.

Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, во Битола амбасадорот Жбогар ќе се сретне со градоначалничката на општината Наташа Петровска, а ќе посети и неколку проекти финансирани од ЕУ кои се спроведуваат во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Грција.

Европската Унија инвестираше 240.000 евра за основање на мобилна детска градинка во која се нудат алтернативни предучилишни активности за маргинализирани деца на предучилишна возраст од руралните и оддалечените области во Битола. Мобилната детска градинка, која работи како центар за деца од обесправените и сиромашните заедници, ќе биде сместена на паркингот на зоолошката градина во Битола.

Децата ќе го придружуваат амбасадорот Жбогар за време на неговата посета на Зоолошката градина Битола, која беше реновирана со средства од ЕУ. За овој проект беа инвестирани 510.000 евра за реконструкција на заградениот простор за животните (занаетчиски работи, градежно дрво, мебел), кој е реновиран согласно стандардите на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Посетата ќе ја водат волонтери кои беа обучени во рамки на проектот.

Амбасадорот посетата ќе ја заврши со разгледување на лабораторијата која беше отворена на Универзитетот „Св. Климент Охридски”, специјализирана за работа со матични клетки, во која е овозможено да се прават истражувања за канцер и да се соработува со други медицински установи во областа на регенеративната медицина. За инфраструктурата во лабораторијата, трансфер на технологија, за обука на кадарот и за работните протоколи за изолација на матични клетки биле инвестирани 150.000 евра, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.

Коронавирус