понеделник, 19. август 2019. Вести денес: 53
home Општини

Водата поскапува за 60%: Од следниот месец прилепчани ќе плаќаат енормно висока цена

Водата поскапува за 60%: Од следниот месец прилепчани ќе плаќаат енормно висока цена

Од наредниот месец прилепчани ќе плаќаат повисоки сметки за вода за 60% или за 17,35 денари плус по метар кубен поради работата на пречиститечната станица. Од вчера со пречистителната станица стопанисува ЈКП „Водовод и канализација“. Граѓаните се свесни дека мора да се одржува станицата, но според нив покачувањето од 60% било енормно високо, особено кога пред изборите се ветуваше намалување на водата за 20%, пренесува Сител ТВ.

„Срамота е ова, знаете колку се 60%. Да се поткачи 5% во ред, ами 60% со кои пари ќе плаќа народот“, вели еден прилепчанец.

„Јас земам 9.500 денари пензија, еве другарчињата од власта ги замрзнаа. И сега ?“, кажа друг прилепчанец.

„Кај ќе ги најдам толку пари со 10.000 денари пензија. Зошто тие не се замислат колку пари земаат“, вели друг прилепчанец за Сител.

СДСМ не искоментира ништо за покачувањето на цената на водата само потенцираше дека на 500 семејства од социјално ранливите категории локалната самоуправа месечно ќе им субвенционира по 5 метри кубни вода или по околу 240 денари месечно.

„За реализација на оваа мерка, од општинскиот буџет се издвојуваат 1.500.000 денари, средства кои доколку се укаже потреба за тоа, со првиот ребаланс на буџетот ќе бидат зголемени“, рече Елена Ташкоска, советник од редовите на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат целосно ослободување од сметката за вода на овие граѓани. Овој чекор го сметаат за само уште една популистичка мерка на СДСМ пред изборите.

„Оваа предложена мерка ние ја поддржуваме, но сметаме дека истата се носи со јасна намера, пред распишување на претседателските избори и со добра калкулирана позадина“, истакна Ирена Стерјоска, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Инаку цената на водата за разлика од минатото сега ја утврдува Регулаторната комисија.