четврток, 2. јули 2020. Вести денес: 242
home Општини

Во штипската текстилна конфекција се зголемува бројот на заразени работници

Во штипската текстилна конфекција се зголемува бројот на заразени работници

Нови пет случаи на заразени со коронавирус во Штип, од кои четири се текстилни работнички од штипската конфекција, во која во изминатите два дена беа регистрираа две заразени работнички, со што во оваа фабрика вкупниот број на заболени изнесува шест лица. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска рече дека од страна на сопственикот на конфекцијата е информиран оти се затвара на една недела, а ако се покаже потреба и подолго.

-Јас разговарав со сопственикот на конфекцијата, но и со сите инспекциски служби и ме информираа дека таму е извршен инспекциски увид, надзор и контрола и е констатирано дека не се прекршени мерките за носење на заштитна опрема. Но, сопственикот ме информираше дека на негова иницијатива ќе ја затвори компанијата од недела дена, а ако има потреба и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени, вели Бочварски.

Надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип информираа дека денеска се земени девет брисеви од кои седум се поврзани со конфекцијата. Во тек е и епидемиолошка анкета за работничките од други конфекции, кои се превезувале во ист автобус со работничките од оваа штипска конфекција. Првично станува збор за повеќе од десет лица.

Ирина Бухова, директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вели дека сите контакти на досега утврдените позитивни случаи ќе бидат ставени во изолација, но најавуваат надзор и на автобусите на другите конфекции.

-Во однос на превозните средства ДСЗИ ќе изврши надзор во однос на хигиената во нив, обезбедени средства за дезинфекција на раце на лицата кои се превезуваат и динамика на дезинфекција на превозните средства, вели Бухова.

Кристина Ампева од НВО  „Гласен текстилец“, како најгласна организација за правата на текстилните работнички, препорачува во фабриките да се користи годишниот одмор за да се спречи состојбата да излезе од контрола. Вчера со препорака излезе и Центарот за јавно здравје во Штип – да се држи дистанца, да се носи заштина опрема и редовно да се дезинфицираат автобусите и сите работни површини. (МИА)

Парламентарни избори 2020