четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 104
home Општини

Во новата учебна година, учениците од Крупиште ќе учат во опожарена зграда, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Во новата учебна година, учениците од Крупиште ќе учат во опожарена зграда, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Во новата учебна година, учениците од Крупиште ќе учат во опожарена зграда. И по еден месец од пожарот во кој изгореа две од четирите училиници, услови за настава во нив не се создадени,  обвини ВМРО-ДПМНЕ.

-Во пресрет на новата учебна година судбината на учениците од с. Крупиште е неизвесна. Имено поради оштетените простории од пожарот што го зафати подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во Крупиште учениците ќе бидат приморани да одат во две смени или пак во некое од соседните училишта. Пред само еден месец градоначалникот Насев даде ветување дека оваа училишна зграда ќе биде повторно во функција до почетокот на оваа учебна година. Но на лагата им се кратки нозете! Негрижата на директорот, градоначалникот и на министерството за образование и наука е само доказ за незаинтересираноста кон граѓаните и кон клучните проблеми во ова населено место и за жал овој пат кон најмладите“, кажа Виктор Паунов, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Карбинци.

Во училиштето има услови за непречено одвивање на наставниот процес и наставата таму ќе почне без никакви проблеми, возвратија од Општината.

-Две училиници, спортската сала, тоалетите и наставничката  канцеларија се во добра состојба. Комисија од Министерството за образование, чија обврска и надлежност е санацијата на опожарениот дел, беше во училиштето, изврши увид и оцени дека услови за настава има. Дополнително, УО на „Страшо Пинџур“ донесе одлука, до санација на опожарениот дел, наставата да се одвива во две смени, објасни Јордан Насев, градоначалник на о. Карбинци.

Инаку, во ова училиште учат 14 ученици од кои 9 во одделенска и пет во предметна насока.

Коронавирус