среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 179
home Општини

Во Кавадарци конференција за почеток на проектот ,,Помалку гладни-повеќе среќни”

Во Кавадарци конференција за почеток на проектот ,,Помалку гладни-повеќе среќни”

Конференција за почеток на проектот ,,Помалку гладни-повеќе среќни”, се реализираше денеска во Кавадарци. Активностите се финансирани од Европската Унија и се дел од поголемиот проект ,,ВСС Ефект”, Банка за храна, кој ќе трае три години, а во кавадаречко во наредните седум месеци, ќе ги спроведува Здружението ,,Еко-живот”.

– Ќе настојуваме на што поголема соработка со бизнис-секторот за намалување на бројот на сиромашни луѓе. Ќе ја истражуваме сиромаштијата. Главна цел е што помалку храна да се фрла на депонија, вишокот храна да се донира, рече Роберто Паризов, претседател на ,,Еко-живот”.

Душко Христов кој е претседател на Банката за храна на државно ниво, нагласи дека таа е препознаена од делегацијата на Европската Унија.

– Ние сме единствениот проект во Југоисточна Европа, каде преку банкарството со храна сакаме да влијаеме на општествените текови. Оние кои имаат потреба, да добијат одредени количини на храна, која не треба да се фрла. Тука е секако важна и соработката со институциите, рече Христов.

Тој се осврна и на новиот закон за донирање на вишок храна, кој се очекува да биде донесен при крајот на оваа година.

– Ќе бидеме можеби една од ретките земји во Југоисточна Европа со конкретен и солиден закон кој го решава ова прашање, додаде Христов.

Тој потсети дека Банката за храна како пионер во овој дел, постои девет години.

– Кавадарци може да биде првата општина во Европа каде ќе нема гладни луѓе. Како богата општина, доста може да помогне. Токму ,,Еко-живот” е годинава нашето чудо во делот на банкарството со храна. Успеа да собере и подели над дваесет тони, не само во Кавадарци, бидејќи ние сме коалиција од 18 организации во 15 градови од државата, информираше Христов.

Двајцата изразија благодарност за поддршката до градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.