сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 119
home Општини

Во Центар Жупа нема да има втор круг, Илјаз очекува дополнителни насоки

Во Центар Жупа нема да има втор круг, Илјаз очекува дополнителни насоки
МИА

Во општина Центар Жупа, каде на 17 октомври не беше обезбеден потребниот цензус од една третина од вкупно запишаните граѓани во Единствениот избирачки список, во недела, на 31 октомври, нема втор круг на гласање, а Општинската изборна комисија (ОИК) очекува дополнителни насоки.

-Како што е познато во нашата општина не беше обезбеден потребниот цензус од 33 отсто, бидејќи од вкупно запишаните 7.317 граѓани, правото на глас го остварија 25,77 отсто. Во недела нема втор круг на гласање. Очекуваме дополнителни насоки, што најверојатно ќе бидат по завршување на вториот круг од локалните избори, изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на ОИК Центар Жупа.

Додаде дека во оваа општина, според законските одредби треба да се повтори изборниот процес, но сè уште немаат насоки дали тоа ќе биде само за избор на градоначалник или и за членови на Советот на општината.

Во ова општина во трката за градоначалник беа двајца кандидати, актуелниот, кој по третпат ја бара довербата на граѓаните, Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, кој освои 1.342 гласови или околу 72 отсто и Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците, кој освои 482 гласови или 26 отсто.

За Советот на општината, кој брои 11 членови, свои кандидатски листи има Турската демократска партија, која според резултатите од 17 октомври обезбеди пет советнички места, по две советнички места обезбедија СДСМ и Движењето за национално единство на Турците и по едно ВМРО-ДПМНЕ и Партијата за движење на Турците.

Коронавирус