сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 0
home Општини

ВМРО-ДПМНЕ ОК Штип: Скандал од невидени размери се случува во општина Штип

ВМРО-ДПМНЕ ОК Штип: Скандал од невидени размери се случува во општина Штип

Скандал од невидени размери се случува во Општина Штип. Градоначалникот на општината, по втор пат во текот на скромниот едногодишен мандат не е во можност да исплати плати на вработените во институцијата, а скандалот да биде уште поголем – причината за тоа е небулозна, истакна Игор Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ ОК Штип.

-Иако, пред изборите обвинуваа за неодговорност и лажно ветуваа поголеми права на пожарникарите, после една година се утврди дека сето тоа било убаво спакувана приказна, на која поверуваа дури и најголемите скептици. Во моментов, не само што не се остварени основните права на оние кои секојдневно се грижат за безбедноста на граѓаните, оние кои се изложени на огромен ризик при работата и оние кои секојдневно му служат на населението во најопасни ситуации, туку професијата пожарникар е деградирана и донесена на најниско ниво. Локалната самоуправа не го почитува Законот за пожарникарството, подмолно ја крши законската регулатива и се доведува во ситуација во судски процес, трипати поскапо да го плати трудот на пожарникарите, рече Ефтимов и додаде:

„Срамни и недостоинствени се постапките на општината, која преку намалување на бодот во платата на пожарникарите, ги демотивираат чуварите на благосостојбата на граѓаните и ја понижуваат пожарникарската работа. Со оваа постапка на општината, не само што ќе им се намалат месечните надоместоци, туку нема да биде платена и нивната дополнителна работа, која им е законски загарантирана. Наместо општината да го спроведува Законот за пожарникари, согласно кој бодот е значително повисок и да ги награди пожарникарите за храбро завршените работи, со оваа постапка Градоначалникот се доведува во ситуација да троши пари на скапи судски процеси, со високи камати, кои ќе го оштетат буџетот на граѓаните на Општина Штип“.

Ова, според ВМРО-ДПМНЕ ОК Штип, е уште еден случај каде се гледа лицемерието на власта.

-Црнилата кои секојдневно ни ги сервираат се шират во секоја сфера на општеството. Со овој неразумен потег на Општина Штип – ненавремената исплата на плати и намалувањето на месечните примања на пожарникарите се докажува неспособноста и незрелоста на Градоначалникот да ја води институцијата. Лошото владеење како рак се шири во државата! Денес на удар се пожарникарите, а секојдневно жртва е секој од нас.

Коронавирус