петок, 13. декември 2019. Вести денес: 122
home Општини

ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп: За гласови Јованоски манипулираше и со најранливи категории граѓани

ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп: За гласови Јованоски манипулираше и со најранливи категории граѓани

После две години од ветувањата за живот за сите во Прилеп, стана јасно дека целата предизборна програма на градоначалникот Илија Јованоски била фарса во која проектите биле ништо друго освен мегаломански лаги, ова денеска преку прес-конференција го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.

-Ветувањата на Јованоски за 20% пониски сметки за вода, изградба на нов театар, реконструкција на старата чаршија, изградба на две нови спортски сали, на две градинки, ново училиште, целосна гасификација на Прилеп, обиколници, чист воздух, булевари и што ли уште не, денеска сеуште одѕвонуваат низ прилепските маала, но градоначалникот и неговите соработници досега само уживаат во удобните фотељи. Ветувањето за изградба на здравствено спортско-рекреативен центар со покриен базен во салата “Maкедонија” беше една од најголемите лаги на Јованоски. Денеска овој проект се пролонгира со нови невозможни рокови. Во програмата на Јованоски пред изборите овој проект предвидуваше да го користат за хидротерапија лица и ученици со искривен ‘рбет, спортисти со спортски повреди, како и пензионери со дегенеративни појави, потенцираат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп додаваат дека во проектот се ветуваше и посебен дел наменет за мајки со бебиња, како и дел за физиотерапевски третмани.
Со новото ветување за изградба на базен во населбата “Точила”, градоначалникот се откажа од овие категории на граѓани и докажа дека не памети што и како ветувал.

-Ова е школски пример како се однесува неодговорен политичар кој е подготвен за гласови да вети се’, па дури и бесмртност, а кога ќе дојде на власт заборава на сите. Денеска е очигледно дека Јованоски и СДСМ манипулирале со овие категории на граѓани и дека злоупотребија човечки судбини и здравствени проблеми кај луѓето. Ова се политичари без грам срам, без чест и без образ! ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во иднина да ги разобличува лагите од ветениот “нов живот”, а верувајте листата е долга, велат од партијата.