недела, 18. ноември 2018. Вести денес: 77
home Општини

Вир – напуштена волшебна приказна од Поречието

Вир – напуштена волшебна приказна од Поречието

Вир е село во општина Македонски брод. Напуштено. До него нема ниту патоказ. Како воопшто да не постои. Ако не знаете дека кога одите натаму треба да свртите по едно мало, тесно патче низ Модриште, ќе го промашите.

Од Скопје, преку Тетово и Гостивар, до Вир ќе стигнете за речиси три часа, но доколку патувате од страната на Козјак, преку нациоаналниот парк Јасен, доволни ви се два.

Вир

Во Вир активно живеат само три куќи, главно сточарски семејства.

Селото изобилува со лешници, ореви, сливи, јаболка,… Природни, недопрени од човечка рака. Климата е планинска. Есента доаѓа многу порано, а пролетта малку подоцна. 

Вир

Во Вир е се поинаку. Како времето да застанало. Како да сте во друга димензија. Повремено се слуша по некое куче или клапорец од стадото кози на мештаните.

– Ако се направи попис во селото, нема да има жители. Минатиот пат имало девет лица, но дел од нив починале, а другите се иселени, вели Сашо  Симјановски, еден жителите на Вир.

Вир

Во пролет – лето, вели, полни се можеби шест – седум куќи со пензионери кои потекнуваат од тука. Бегаат од Скопје за летните одмори.

– Вир нема млади луѓе, како и повеќето села во Македонија. Се наоѓа на околу 700 метри надморска виисна, во подножјето на масивот што го затвора Прилепско поле, меѓу Даутица, Караџица и Јакупица. Од падините над Вир се гледа врвот Бел камен, висок преку 2.000 метри, а одалечен е од селото четири часа пешки. Околу се Лазје, Гражденик и Ридарци, раскажува Симјановски.

Вир

Со асфалтирање и довршување на патот преку Јасен, Поречје како да се раздвижи.

– Луѓето, обично скопјани, повеќе доаѓаат на излет или на ручек во Извор, местото пред Модриште, во село Манастирец. Тука е и реката Треска. Доаѓаат и во Белица, на патот од Модриште кон Скопје, преку Козјак каде има ресотани на реката Белица, има и рибник, мотел, дури и вид зоолошка градина со дивеч од околината. Но, не сум баш сигурен колку од нив слушнале за Вир или го посетиле. Во Модриште, каде што се дели патот за Вир требаше да има патоказ и да, поставија столпче, но наместо знак за вир има знак „стоп“, истакнува Сашо.

Вир

Во зима нема скоро никој, само тројцата жители: Сашо и неговите два соседа Деан и Бошко. Сашо е Скопјанец доселен во куќата на дедо му, а Деан и Бошко се од Вир. Сашо и Деан чуваат кози, а Бошко овци.

– Не ретко се случува да снема струја или вода. Еднаш, кога имаше дефект на далноводот во Кичево, струја немавме десетина дена. Инаку, во селото нема ниту мрежа, ниту интернет. Мобилниот ѕвони само на одредена локација во ридчињата околу, додава Симјановски.

Вир

Кога има проблем со козите, не може да се јави на ветеринар или, тоа изгледа отприлика вака: трча до ридчето, фаќа мрежа, го добива ветеринарот, па трча назад во шталата за да го примени советот. Ако му треба уште нешто плус, пак трк до ридчето, и секогаш така.

– Ова е обично случај кога козите се јарат. Некои полесно раѓаат, некои потешко. Ако ми треба совет, трчанката нагоре по ридот, па назад. И така неколку пати, објаснува низ насмевка Сашо.

Вакви случки има еден куп.

Вир

Поразговаравме, пробавме од козјото сирење, од домашното слатко и домашната ракија на Сашо. Не послужи и со ручек: полнети пиперки, мусака, салата од печени пиперки и лукче.

Сакавме да тргнеме со време назад, за Скопје, да не не стемни. Не само за да не го утнеме патот, туку зашто е и толку тесен што, ако некој доаѓа од спротивната страна, речиси никако не можете да се разминете.

Вир

Се смета дека Вир го добил името по тоа што има многу вода. Секоја куќа има бунар, но тие на пролет, кога се топат снеговите, претекуваат па уличките стануваат како речни корита. Главната уличка, пак, се претвора во река. Тоа обично трае до Петровден, 12 јули. После тоа во бунарите има вода, но не претекуваат.

Мирјана Чакарова (МИА)