понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 23
home Општини

ВЕТЕНО-НЕОСТВАРЕНО

ВЕТЕНО-НЕОСТВАРЕНО

Од ветени проекти, ништо не сработија. Ниту како Влада, а уште помалку како Градоначалници.

Единствениот збор што го слушаме од нив е „ЌЕ”. Ниту го остварија тој збор, ниту ќе го остварат до крај на мандатот. Владата иако диши на апарати со 61 пратеник мнозинство, реално веќе е падната.

За локалните шерифи следуваат локални избори каде што огромен број градоначалници ќе бидат заменети. Прво, затоа што повеќе не ги сакаат ни своите, второ, затоа што не ги сакаат и останатите граѓани.

Безобразлукот во Општина Бутел оди до тој степен, што градоначалникот не одговара на повиците од граѓаните.

Покрај многуте апели од Бутелчани да се почне со работа, да се сработи ветеното, од тоа ни трага ни глас.

Ниту багер дупка закопа, ниту мајстор цигла стави на Поликлиниката.

Ниту доктор влезе на работа во новиот објект, ниту пациенти беа прегледани во Поликлиниката.

Ниту полицаец седна во нова Полициска станица, ниту пожарникар тргна од Противпожарниот пункт во Бутел.

Ниту деца заиграа во новите спортски сали, ниту рекреативците го истрчаа кругот на трим патеката кај Серава..

Ниту се продаде зеленчук од новиот Зелен пазар, ниту се седна на новите клупи од новиот Плоштад.

Ниту жителите на Љубанци и Љуботен се израдуваа на новиот Водовод, ниту жителите на Кучевачка Бара и Бел Камен се израдуваа на водоводот и одводот.

Ниту граѓаните го пуштија парното од новиот Гасовод, ниту ги запишаа своите дечиња во новите Градинки.

Но, затоа има пари за пренатрупаната општинска администрација која што прави работен стаж за несработеното. Локална власт која во 4 годишниот мандат, ги откорна вратите од ментеши, затоа што само ја нишаа вратата за да ја земат платата.

Од проекти во Бутел, ни П.

Од лаги и бесконечни ветувања, до бркање од работа на вработени кои искажувале спротивни политички ставови од оние на Градончалникот.

Старите институции како што се Амбулантата и Полициската станица, се одамна распаднати. Кога влегувате во нив, како да сте дел од некој хорор филм.

Со паднати тавани, протечени ѕидови, глувци шетаат по ходниците, пајажина во изобилство. Вратите не се може да се затворат, а прозорците дуваат од сите страни.

Класична сцена за снимање на некој хорор филм, со можност да биде номиниран за Оскар.

Криминалот пак, никогаш не цветал повеќе како сега. Пукотници од возила во возење, прободени деца со ножеви, тепање на лица кои имаат спротивен став на властите, закани за спротивен став од нивниот, продавање државни земјишта за без пари. Никнување на објекти како кокичиња во пролет со замижување за сите протоколи за изведба, до сомнителни инвеститори кои е непознато како ги спечалиле парите.

Ќе кажат дека претходниот Градоначалник исто така ништо не направил, и вистина е. Но, разликата е, што во тоа време се реконструираа сите училишта во Бутел, се изгради нова Општинска зграда.

Учејќи од грешките како не треба да се владее, граѓаните на Општина Бутел повторно ќе имаат можност да изберат личност која ќе ги води во следните 4 години.

Иако е тешко да се процени човекот каков е додека не добие власт, често како граѓани гласаме личности што знаат да ја изманипулираат јавноста, па потоа треба да ги трпиме 4 години, бидејќи е тешко да ги смениме во текот на мандатот, а уште потешко од морални причини би си поднеле самите оставка.

Изборите се средство за да се даде легитимитет на личност или партија да ги спроведе своите замисли, програми, ветувања во практика.

Доколку не се исполнат тие ветувања, сите ние имаме обврска да ги тргнеме оние што не им мислат добро на граѓаните на Бутел, и да изгласаме некој што реално ќе работи за Општина Бутел и за нејзините граѓани!

Колумна на Мартин Ристевски член на иницијативниот одбор на Бутел.

ЕУРО 2020

Македонија