петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 120
home Општини

Учениците во Тетово и Гостивар ги возат возачи без дозвола и со претоварени комбиња

Учениците во Тетово и Гостивар ги возат возачи без дозвола и со претоварени комбиња

Учениците од Гостивар и Тетово до нивните училишта се возат во преполни комбиња кои ги возат возачи без дозвола, откри тетовската полиција за време на засилените контроли на возилата за јавен превоз. Резултатите од само една контрола која е извршена вчера во рок од три часа се страшни, пренесува Порталб.мк.

“Вчера, во периодот од 6 до 9 часот, во Гостивар беше извршена акциска контрола во која беа опфатени 35 комбиња од јавниот превоз. За време на контролата, откриени се девет комбиња претоварени со патници, осум возачи биле без лекарско уверение, три возачи без возачки дозволи, еден возач со несоодветна категорија, два нерегистрирани комбиња, додека еден возачот возел побрзо отколку што треба. Констатираните прекршоци се санкционирани со релевантни законски прекршоци”, рече портпаролот на СПБ Тетово Марјан Јосифовски.

Контрола на безбедноста во сообраќајот вчера беше направена и во регионот на Тетово. Таму се евидентирани 42 прекршоци, меѓу кои имаше и седум лица кои управуваа без возачка дозвола, шест возила беа со истечена регистрација, пет возила беа со технички неправилности, седум од возачите беа почетници кои не беа придружувани според законските ограничувања, додека останатите прекршоци беа за несоодветно паркирање.