среда, 24. октомври 2018. Вести денес: 0
home Општини

„Тур де Галичица“ по петти пат во недела

„Тур де Галичица“ по петти пат во недела

На падините на планината Галичица во недела по петти пат ќе се одржи велосипедската тура „TOUR DE GALICICA“ во должина од 68 километари.

Настанот е во организација на велосипедското друштво „Преспа Бајк“ од Ресен со поддршка од општина Ресен и SWG (Меѓуминистерска работна група за рурален развој од земјите на Западен Балкан), а стартот е предвиден во 9 часот од плоштадот во Ресен.

Велосипедистите, како што информира за МИА Кристијан Ќулумовски од „Преспа Бајк“, ќе имаат можност да возат и седумкилометарска планинска тура и да ги запознаат убавините на Галичица.

-Досега се пријавени околу 200 учесници од земјава, а ќе возат и 10 наши пријатели до соседна Албанија, истакна Ќулумовски.

Турата, додаде тој, е во целост обележана со патокази, информативни табли и кадрони, а учесниците ќе имаат можност да уживаат во прекрасните пејсажи на Преспанското и Охридското Езеро од надморска висина од 1973 метри.

-Велосипедистите ќе ги следат локални водичи, а ангажирани се и спасувачи од Црвениот крст. За заинтересираните учесници поставен е камп на плажата пред хотелот „Лејк Вју“, каде ќе имаат можност да логоруваат во шатори, изјави Ќулумовски.

Учесниците треба задолжително да носат заштитна кацига и технички исправен планински велосипед, соодветни чевли и облека за планинарење.