вторник, 23. јули 2019. Вести денес: 7
home Општини

Струшкиот градоначалник му ја отвори дивоградбата на охридскиот советник (ФОТО)

Струшкиот градоначалник му ја отвори дивоградбата на охридскиот советник (ФОТО)

Наместо да биде урната, дивоградбата кај охридскиот Чинар од сношти е новоотворена пицерија. Од вчера, Нефи Усеини освен советник од ДУИ во општина Охрид, стана и угостител – локалот „Луна“ почна со работа и покрај тоа што е дивоградба со решение за уривање, пренесува 360stepeni.mk.

Објектот е изграден на државно земјиште и во заштитен УНЕСКО појас. Откако е почната неговата изградба во март годинава, никој воопшто не се ни обидел да ја спречи дивоградбата. Усеини уште кога почна да го гради објектот доби решение од Општина Охрид дека има десет дена рок самиот да ги урне конструкцијата и платформата.

Во решението на Усеини му беше посочено дека има право на жалба, но дека таа не го одложува уривањето. Освен тоа, прекршоци му констатира и градежната инспекција, бидејќи тој нема одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но и дека не поседува одобрение за градење на цврста градба во заштитеното градско подрачје.

За сето тоа време Усеини непречено градеше, а општината бараше (и се’ уште бара) фирма која би го извршила уривањето.

Ваквото однесување на Усеини но и на општината, не оди во прилог на задржување на Охридскиот регион на листата заштитени УНЕСКО подрачја. До наредниот февруари земјава треба до УНЕСКО да достави извештај што направила за заштита на регионот, а акцент на расчистувањето на ситуацијата со дивоградбите, која и најмногу придонесе Охрид да биде опоменат од Светската организација за заштита на културното наследство.

Усеини во меѓувреме гради и бетонска база на брегот на Охридското Езеро, која се наоѓа на стариот пат Охрид – Струга, а да биде иронијата поголема, лентата на вчерашното отворање ја пресече Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга – уште еден град кој се соочува со градежна експанзија.

Експертската јавност повеќе пати предупредуваше дека непостапувањето по ваквите случаи, ќе биде недвосмислена порака дека може да гради кој што сака и каде сака.