понеделник, 24. јуни 2019. Вести денес: 89
home Општини

Струмица: За карневалот ќе се подготват три илјади порции грав на отворено

Струмица: За карневалот ќе се подготват три илјади порции грав на отворено

Струмичките карневалски празнувања почнаа вчера со предавањето на клучот на градот од страна на градоначалникот Коста Јаневски на карневалџиите и со кревањето на знамињата.

Веднаш потоа закажаните манифестации почнаа да се редат како на филмска лента: синоќа се одржа Детскиот маскенбал, а веќе денеска се закажани три настани-објавување на резулатите од литературниот конкурс на тема карневал, отворање изложба на фотографии од ланскиот карневал и концерт под маски на учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“.

Сепак најголем внимание од синоќа привлекува огромниот казан поставен на Плоштадот „Гоце Делчев“. Во него треба да се подготви посниот грав за „Чист понеделник“, првиот ден од почнувањето на Велигденските пости, а шести карневалски ден.

Според организаторите годинава за прв пат треба да се подготват околу три илјади порции грав. Традиционалното македонско јадење ќе го приготвуваат готвачи од ресторанот „Ројал Парк“, со помош и поддршка на повеќе струмички компании и на општина Струмица.

Претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, покрај досегашните новини во одржувањето на карневалските манифестации, вели дека ќе има и други нови содржини.

– Познато е дека ќе имаме 41 групи од земјата и странство, кои ќе учествуваат во карневалската поворка од околу 2 илјади учесници. Интересот беше голем, но поради времетраењето на Интернационалната карневалска вечер од три часа, но и заради ограничените капацитети за сместување, веќе неколку години наназад бојот на учесниците е околу две илјади. В сабота по завршувањето на карневалската вечер, ќе има забава на отворено на плоштадот со гостите од холандскит остров Аруба, кои со нивна автентична музика ќе ги забавуваат сите присутни, информираше Цицимов.

Инаку, Струмичкиот карневал завршува в среда, на 21 овој месец, со традиционалните Тримерски обичаи и настап на Ансамблот „Тримери“.