вторник, 19. октомври 2021. Вести денес: 0
home Општини

Стојанов: Создаваме нова иднина за Неготино – катна гаража и реконструкција на центарот на градот

Стојанов: Создаваме нова иднина за Неготино – катна гаража и реконструкција на центарот на градот

Во одредени моменти од животниот циклус стануваме свесни дека ние ја создаваме нашата реалност, а со тоа и нашата иднина! Тогаш можеме да ја преземеме одговорноста за сè што ни се случувало и сè уште ни се случува. Тогаш можеме да решиме дека она што не го сакаме, лесно ќе го промениме, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Горан Стојанов, кандидат за градоначалник на Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Свесни сме што е пропуштено при реализацијата на замислите во минатото како резултат на сосема погрешни владеења. Сите се стремиме кон остварување проекти кои произлегуваат од општествените потреби за да се подобри целокупниот начин на живеење во општина Неготино. За таа цел, ја имаме Програмата „Гарантирам“ која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“. Во нејзината основа лежат остварливи проекти што овозможуваат поудобен живот за сите граѓани подеднакво. Бидејќи сум дел од вас, без разлика на мојата професија, како обичен, чесен човек, како иден градоначалник, се стремам нашиот град Неготино да го изградам во едно поинакво светло. Знам дека мислите и кажаните зборови, со силна волја се претвораат во искуства и дела. Затоа сакам градот да биде еколошки чист и уреден, но освен тоа и економски помоќен. Важен предуслов за економскиот развој е инфраструктурата што видно влијае врз деловните можности, но и врз севкупната привлечност на општината, за работа и инвестирање. На сите ни е јасно дека оваа власт НЕ беше доволно насочена кон овие цели и ги запостави патната мрежа и транспортот. НЕ ги намали нееднаквостите помеѓу урбаниот и руралниот дел од општината, НЕ создаде услови за развој на приватниот сектор, вели Стојанов.

Тој додава дека токму затоа, моја понуда се јавните инвестициски проекти од областа на патната мрежа и транспортот со цел да се обезбеди пристоен живот за секој граѓанин.

-Ве молам да ми дозволите да ви претставам дел од проектите од мојата програма кои се содржани во оваа област:

· Изградба на катна гаража – важен момент за Неготино.

· Реконструкција и асфалтирање на повеќе улици во градот и со што би се решил еден долгогодишен проблем.

· Асфалтирање и тампонирање улици во сите населени места во општината. Овој проект е од особена важност за тукашните жители зашто ќе им овозможи попристоен живот и подобри услови за работа.

· Субвенционирање редовна транспортна линија до с. Курија и с. Црвени брегови што е крајно значајно за луѓето.

· Поставување автобуски постојки во градот и во руралните средини.

· Целосна реконструкција на центарот на градот, проект „Неготино, модерен урбан град“ што опфаќа кружен тек во центарот на градот и кружен тек на влезот во Неготино од страна на Кавадарци со што ќе се намали градскиот метеж.

· Реконструкција и уредување на централното градско подрачје со поставување урбана опрема и осветлување што ќе придонесе за разубавување на изгледот на градот.

· Реконструкција на стариот и дотраен плоштад, со што ќе се добие нов изглед привлечен за сите генерации, вели Стојанов.

-Набројав само неколку проекта под наслов „Транспорт и патна инфраструктура“, кои гарантирам дека ќе бидат реализирани. Со добра и креативна мисла, секоја промена е сосема возможна. Мислите и зборовите имаат моќ на привлекување, па да ја привлечеме убавата иднина за нашето гратче Неготино. Повторно ја барам вашата поддршка за заеднички да се потрудиме Неготино да биде место и град за успешен живот и напредок на секое поле! Заеднички да создадеме нова иднина, истакна Стојанов.

Локални избори 2021