сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 0
home Општини

Според градоначалникот на Охрид не било трагедија ако не стават на црна листа на УНЕСКО

Според градоначалникот на Охрид не било трагедија ако не стават на црна листа на УНЕСКО

Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, уште еднаш се обиде да го сврти вниманието на властите за Охрид да го зачува статусот.

„Нема да биде трагедија ако Охрид и регионот се најдат на листата на светско наследство во опасност под заштита на УНЕСКО, вели градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиески. Ова доаѓа по извештајот на мониторинг мисијата на оваа светска организација, кој беше објавен на почетокот на годинава, а во кој беа нотирани редица забелешки што упатуваат на неисполнување на зададените задачи.

„Ставање на Охрид на листа (за региони) во опасност воопшто не е таква трагедија, каква што е претставена во јавноста. Доколку се случи тоа, ние треба да ги дуплираме нашите напори и како локална самоуправа и како држава, да направиме план, сите препораки кои што се да ги имплементираме. Тоа ќе го решава УНЕСКО на сесија. Зависи дали ќе има воопшто сесија во јуни поради кризата. Ние цело време испраќаме прогрес рипортинг. Такви извештаи за ставање на Охрид на црна листа сме имале и претходно, па на сесија на УНЕСКО не се носела таква одлука“, вели градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиески.

„Еден локалитет во Америка бил ставен на листата во опасност пред 8 години. Бил две години на таа листа, па луѓето презеле мерки и повторно бил тргнат од таа листа и минатата година повторно е ставен. Станува збор за еден механизам на УНЕСКО, со цел на државите, а во помала мера на локалните самоуправи, да им се помогне, со цел побрзо и по посветено да се имплементираат препораките за заштита“ вели градоначалникот.

Ѓеорѓиски вели, свесен е за проблемите, но додава дека станува збор за регионално прашање, бидејки и соседна Албанија, чиј што дел од Охридското езеро од 2019 година е под УНЕСКО, треба да ги исполни своите обврски.

„Треба да се забрза процесот на отстранување на бесправните објекти и тоа е процес кој ќе продолжи и трае и нема да се заврши преку ноќ. Има тука обврски и за другата страна. Во поседот во Албанија воопшто нема колекторски систем. Тие допрва треба да прават и инвентар на бесправни објекти…Треба јавноста и сите ние да сфатиме дека зборуваме за ставање на листа во опасност на цел регион од 400 километри, кој тешко е да го заштитиш“, додава градоначалникот.

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, вели дека е потребна поголема владина посветеност за регионот, да не се најде на оваа листа. Кажа дека Брисел е загрижен за забелешките на УНЕСКО.

УНЕСКО што покажува дека Охрид и Охридскиот регион може да биде ставен на листата на светско наследство кое е во опасност. Самото зачувување на природното и културно наследство на Охридскиот регион, бара силна владина посветеност за имплементација на препораките и поголема координација помеѓу одговорните министерства и другите институции. Сето тоа значи ангажман на национално и на локално ниво, со соодветна буџетска поддршка. Мисијата за зачувување на регионот треба да има поддршка од сите политички сили. Тоа треба да биде национален зафат и активност која ќе ги обедини сите чинители во општеството и ќе биде партнерство на властите, цивилното општество, локалните заедници и локалните бизниси“, рече Гир.

Во најновиот извештај на УНЕСКО, по мониторинг мисијата од јануари 2020 година, имаше голем број наводи за нереализација или застој во реализацијата на забелешките кои УНЕСКО ги упати уште во 2017 година до македонските власти. Мисијата констатираше дека „не е запрена ерозијата на наследството“ и дека заканувачките проекти и планови и натаму се развиваат.

„Имотот е многу ранлив, поради значителни проблеми во управувањето како и слаба имплементација на законската рамка. Овие работи доведоа до несоодветни интервенции, негативни ефекти врз планирањето на градот, големи проекти кои заедно резултираа во влошување на неговите урбани, рурални и природни пејзажи и клучните атрибути, со што имотот ги исполнува условите за запишување на списокот на светското наследство во опасност“, се вели во извештајот на УНЕСКО, кој е испратен до македонските власти.

Инаку, Охрид и Охридскиот регион, под заштита на УНЕСКО се од 1970 година како природно наследство и од 1980 година како културно наследство. Инаку досега само два локалитети во светот го загубиле статусот под УНЕСКО. Тоа е Дрезден во Германија, каде на референдум била донесена одлука за тоа, и едно место во Оман, каде Владата 90% од поседот одлучила да го претвори во индустриска зона.

ЕУРО 2020

Македонија