вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 133
home Општини

Со проектот „Безбедни училишта-за меѓуетнички соживот и толеранција“ опфатени 2.500 ученици од Полошко

Со проектот „Безбедни училишта-за меѓуетнички соживот и толеранција“ опфатени 2.500 ученици од Полошко

Секторот за внатрешни работи Тетово неделава започна со практична имплементација на превентивно-едукативниот проект „Безбедни училишта-за меѓуетнички соживот и толеранција“, чиј носител е Отсекот за превенција, а кој се реализира неколку години наназад.

-Со проектот вкупно ќе бидат опфатени над 2500 ученици во прва година од 7-те тетовски и 4-те гостиварски средни училишта, кои на посебни предавања поблиску ќе бидат запознати со личните и општествено негативните последици од предизвикување и учество во нарушувања на јавниот ред и мир во и околу училиштата. Првокласниците од Полошкиот регион, исто така, преку интерактивни презентации што ќе ги одржуваат стручно обучени полициски службеници, ќе се запознаат и со законските импликации кои се однесуваат на нарушување на јавниот ред и мир, како и на други девијатни појави, информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Во рамките на овие активности на учениците ќе им бидат претставени и основните вредности на толеранцијата, нејзиното значење и формите и начините за нејзина поширока афирмација и унапредување, не само во училиштата, туку и воопшто во локалната заедница.

Проектот се планира да се спроведува еден месец и негова цел е да придонесе за превенирање на инцидентите во училиштата и за зајакнување на меѓусебната доверба и соработка на учениците од различна етничка и друга припадност.