среда, 16. октомври 2019. Вести денес: 72
home Општини

Силно невреме во Македонска Каменица

Силно невреме во Македонска Каменица

Општина Македонска Каменица синоќа беше зафатена од интензивни врнежи од пороен дожд, град и силни електрични атмосферски празнења. Поради огромните количини наносен материјал од Јавното претпријатие „Камена Река”, информираа дека градежна механизација со неколку екипи, веднаш се упатила на терен со цел санирање на состојбата.

-Нашите вработени реагираа на повеќе места каде беа констатирани поголеми количини на наносен материјал. Кон чистење на критичните места се пристапи веднаш, а со цел следење на состојбата, екипите дежураа на терен и во текот на доцните вечерни часови, наведуваат од „Камена Река”.

Чистењето и санацијата на настанатите штети, како што додаваат, треба да продолжат во раните утрински часови.

По престанувањето на врнежите ситуацијата е ставена под контрола, при што не се констатирани поголеми штети по имотите на жителите во индивидуалните и колективни живеалишта на територијата на Општината.

Во случај на повторна појава на електрични празнења, на граѓаните им се препорачува да не претстојуваат на отворен простор и под осамени дрвја. Сточарите пак, своите стада да ги делат во помали групи, со цел да ги заштитат од опасности предизвикани од честите атмосферски празнења.