петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 155
home Општини

Село Нов Истевник како бледа слика на животот кој некогаш опстојувал во овој прекрасен природен предел

Село Нов Истевник како бледа слика на животот кој некогаш опстојувал во овој прекрасен природен предел

Атарот на село Нов Истевник зафаќа површина од околу 21 км2. Конфигурацијата на теренот е ридско-планинска исполнета со висорамнини и ридест предел.

Низ атарот на село Нов Истевник поминува реката “Жечевица” која е една од еколошки најчистите природни средини во државата. Сообраќајно селото е поврзано преку регионалниот пат Р1302 со градот Делчево и соседната општина Пехчево. До сите селски маала водат асфалтирани патишта освен до Пасјачкото маало. Селото Нов Истевник се наоѓа на оддалеченост од 14 километри од центарот на Делчево. На исток селото граничи со атарите на селата Стар Истевник, Панчарево и Црник, на север со Тработивиште, на запад со Разловци, на југ со селото Умлена од соседната општина Пехчево.

Панорамски поглед на Курачкото маало во село Нов Истевник

Со својот богат природен биодиверзитет селото Нов Истевник се вбројува во една од најубави и најчисти рурални средини во овој дел од државата но и пошироко. Застапеноста на шумските површини со борова и дабова шума се своевидно доживување за секој добронамерниок кој сака да ужива во неоткриената и недодирната од човек природа. Малкуте преостанати семејства кои живеат во ова село главно се занимаваат со сточарство и полјоделство.

Заживувањето на овој речиси целосно див предел е можно со мудро искористување на неговите потенцијали, особено во делот на руралниот и авантуристички туризам.
Општи податоци за Нов Истевник

Селото Нов Истевник се состои од 3 маала:

“Балабанско маало” (Балабанци), “Курачко маало” (Кураците) и “Пасјачко маало” (Пасјако)

Според Пописот во 2002 година во селото Нов Истевник живееле 138 жители распоредени во овие три маала.

Во атарот на селото се наоѓаат повеќе знаменитости кои вредат да бидат посетени од страна на било кој добронамерник, љубител на природата и руралните убавини.
Приказни за Нов Истевник

Селото Нов Истевник беше создадено како потреба за проширување на животниот простор на населението кое живеело во селот Стар Истевник. Етапното создавање на неколку маала како семејни локации на живот, кои постепено прераснувале во маала со новата номенклатура на поранешните власти во повоениот период станале село. Но останале имињата на маалата: Балабанци, Кураци, Пасјаци…

Со создавањаето на независната Македонска држава од 1991 година наваму почнува регресивен процес на исселување и стареење на населението од ова село, па така денес селото е претворено во голема мера, во село на духови, спомени и носталгични пејсажи дека некогаш ова село било полно со живот, со детски џагор и смеа.

Една од најпознатите приказни за Нов Истевник е приказната од Втората Светска Војна која зборува за односот на локалните мештани кон Германските и Бугарските окупациски сили кои на почетокот на војната дошле во селото да воспостават власт.

Пристигнале неколку механизирани единици со Германци со камиони, џипови и мотори… Се паркирале пред постојната училишна зграда која се наоѓа над селото Балабанци и е своевиден стратешки центар на целото село. Во училишната зграда се сместиле војниците и новите администратори на селото. После неколку вечери непознати жители на селото се организирале и ги исекле гумите од паркираните моторни возила. Утрото новите властодршци кренале паника дека биле саботирани и нападнати преку ноќта од страна на партизани. Понаредниот ден во обид да дознаат кој ги исекол гумите на камионите, ги собрале поголемиот дел од жителите од селото и ги построиле во дворот на училишната зграда. Кога ги построиле излегол началникот на гарнизонот и што да види: На нозете на сите построени забележал делови од нивните гуми како ги искористиле мештаните за опинци… Бесот на окупациските власти бил голем, но поради страв од побуна ги пуштиле мештаните кои продолжиле да си го живеат своето секојдневие.

Подоцна во војната познати се неколку убиства на локални жители од страна на митралезот кој бил поставен во бункер близу училишната зграда која и ден денес е нем сведок на премрежјата кои го окупираат ова преубаво село.

Помеѓу локалното население најпозната е локалната легенда за истевничките кукуље која говори за страхопочитта на локалното население кон Господ- Бог и соивотот на луѓето…

Телевизиска екипа на емисијата “Талкачи” на Македонската Телевизија заедно со Димитар Узунски на пат кон Истевничките Кукуље

Локации и знаменитости за посета: Стара селска архитектура

Главно старите градби во селото се градени од дрво, камен, печена глина и кал…

Обично во поразвиените села во Пијанец постоеле приватни фурни за печење глина во сопственост на поснаодливите и учени жители. Таква фурна за печење на тули и ќерамиди имало и во селото Нов Истевник, поточно во Балабанско Маало, од чиј што материјал биле градени не само куќите во ова село туку и пошироко.

Процесот на добивање на тули и ќерамиди од печена глина бил тежок и макотрпен процес за што била ангажирана физичка работна сила.

Стара селска архитектура

Покрај куќите во кои живееле луѓето, карактеристични за овој дел од пијанец се и т.н. “казаници” каде се чувало житото, брашното, пченката, глинено-бакарните казани за варење ракија, сушено месо, слива, качиња со круши-сулии, јаболка и останати намирници за користење во тек на годината. Плевните во кои се одгледувал добитокот биле градени од два дела)

-Приземниот дел кој што обично бил половина вкопан во земја (поради регулација на температурата која знае да биде од -40 до +50 степени во ова подрачје) бил граден од плетен плет премачкан со глинена кал над кој стоеле дрвени греди обложени со штици од горната страна на која стоела кабастата храна за стоката.

-Покривот бил правен од дрвена конструкција со глинени керамиди.

Стара селска архитектура

Под стреите на плевните повисоко од земјата обично стоеле закачени везеници со сушен пипер, тутун, сливи.

Извор: destinationdelcevo.mk