понеделник, 17. декември 2018. Вести денес: 85
home Општини

Се сруши покривот на некогашниот Дом на млади во Бистрица, објект прилепен до школото

Се сруши покривот на некогашниот Дом на млади во Бистрица, објект прилепен до школото

Се сруши покривот на некогашниот Дом на млади во битолското село Бистрица, објект кој е прилепен до подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ . Дел од гредите и ќерамидите  пропаднале во внатрешноста, најверојатно поради тежината на снегот што врнеше минатата  недела, врнежите од дожд и големата количина на влага врз целиот објект.

Сега родители на ученици реагираат  и стравуваат од рушевините, поради безбедноста на нивните деца.

 -Денеска се сруши покривот, ние физички го обезбедивме просторот

со црвена лента, реагиравме до Општина Битола ,пришто веднаш се преземени мерки за санирање на кровот, изјави за апла.мк директорот на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, Димитар Пипилевски.

Според наши соговорници жители на Бистрица, Домот одамна е напуштен , но со години жителите барале од властите да се реконструира и пренамени во нова спортска сала за потребите на школото. И покрај ветувањата објектот е оставен  да пропаѓа. Жители  на Бистрица велат дека  објектот е во толку лоша состојба поради влагата што не може ниту да се реконструира, туку треба да се сруши до темел и наново да се гради.

Бистрица своевремено беше засебна општина , а сега е под надлежност на Општина Битола.