петок, 20. април 2018. Вести денес: 158
home Општини

Се осовременува Противпожарната единица во Кавадарци

Се осовременува Противпожарната единица во Кавадарци

Во функција на осовременување на Противпожарната во Кавадарци, денеска беше донирано возило за брза интервенција. Кавадаречката компанија „Екстра бус” обезбеди џип „туарег” командно возило, за пожарникарите да можат да стигнуваат навреме при пожари, но и при елементарни непогоди и сообраќајки.

– Се заземавме сериозно во делот на територијалната противпожарна заштита, да ја направиме на највисоко можно ниво. Имавме прва фаза на реконструкција на зградата на пожарната, сега имаме тендер во втора фаза за правење на нови гаражи и уште набавка на две возила што ќе бидат од донација. Во меѓувреме имаме вработување на 16 нови пожарникари. Кавадарци до крајот на август ќе биде за пример како треба да функционира една противпожарна служба, рече кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Тој нагласи дека жителите на Кавадарци и Росоман заслужуваат да имаат беспрекорна противпожарна заштита.

Командирот на Територијалната противпожарна единица, Илчо Богевски изрази благодарност за донираното возило кое ќе се користи при технички интервенции.

Тој информираше дека во 2017 година имало 230 пожари од кои 150 во градот и на затворен простор, 70 се шумски пожари на отворен простор и 10 се технички интервенции, за жал при тешки сообраќајни несреќи. Во оваа година, досега има евидентирано 70 пожари од кои 60 се во градското подрачје, пет надвор од градот и исто толку технички интервенции.