вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Општини

Рокот истекува, Охрид не е до никаде со препораките од УНЕСКО

Рокот истекува, Охрид не е до никаде со препораките од УНЕСКО

Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион,суштински важниот документ кој треба да ја загарантира заштита на нашето благо кое е под силна закана и деградација, е објавен пред да се донесе законот,на овој сериозен пропуст укажуваат невладините здруженија, анализира Алфа.

„Се носи план за управување на природното и културното наследство во Охридскиот регион, без донесен закон, без донесени други правни акти како што е да речеме планот за Управување со сливот на Охридското езеро. Така да не знам како на крај ќе се спроведуваат сите овие препораки што ги дава планот, без до сега донесен закон“, вели Трајче Талески од Охрид СОС.

На четири месеци до крајниот рок за исполнување на препораките на Унеско, нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување на нивно исполнување-критикуваат невладините Фронт 21/42 и Охрид СОС. Во Акциониот план на општините Охрид и Струга, студиите за влијание на дивоградбите врз универзални вредности на светското наследство се планираат дури во 2021 година. Актуелната власт имаше обврска да ја спроведе оваа мерка до декември 2018-та. Сметаат дека нема ниту една логична причина зошто клучната постапка во справувањето со дивоградбите се одлага на толку долг временски период.

„Не треба да се прави фама дека се што побарал Унеско е дека до фебруари сите дивоградби треба да бидат рушени,тоа е класична манипулација“, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Клучното прашање во врска со Инвентарот е дали во 1076-те евидентирани дивоградби се и оние кои актуелната власт ги легализира од 2017, со речиси три години свесно прекршување на итната мерка побарана од УНЕСКО – најдоцна до февруари 2018 државата итно да ја стопира легализацијата на дивоградби.

„Збрката со законот за легализација стана од политички причини, кои се политички причини:се ќе легализираме !Каков е тој закон за цела територија, па не е исто Охрид, Прилеп,Битола и т.н. Не може така, има заштитени подрачја,значи многу непрецизни одредби кои се злоупотребени после во работењето на стручните служби кои се повикани, или тие едноставно не знаат како да се однесуваат“, вели архитектот Димитар Зарчев.

Се прашуваме велат од Фронт 21/42 дали некому му е потребен толку долг период за „кроење“ на Инвентарот на дивоградби,со оглед на фактот дека овие студии доколку бидат стручно и независно изработени,ќе определат кои дивоградби ги нарушуваат вредностите и треба да се рушат.