четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 33
home Општини

Прилеп со мерки против сериозното заболување лајшманиоза

Прилеп со мерки против сериозното заболување лајшманиоза

Прилеп предлага законски измени за да се дозволи еутаназија на заболените кучиња од болеста лајшманиоза која преку инсект се пренесува на луѓето. Во градот ситуацијата со ова заболување не е алармантна, но мора да се преземат превентивни мерки, констатираа од прилепската локална самоуправа по денешниот состанок со претставници од Ветеринарната станица, комуналната инспекција, од јавното комунално претпријатие „Комуналец“, со Центарот за јавно здравје, претставници од инфективното одделение од приелпската болница, од полициската станица, како и од прилепското кинолошко друштво.

 – Лајшманиозата од кучињата преку инсект, се пренесува на луѓето. Во градот ситуацијата не е алармантна, но станува збор за превентивни мерки што мора да се преземат. Иако еутаназијата е крајно непопуларна мерка, од состанокот произлезе заклучок заболените кучиња да се eутаназираат за да не бидат преносител на заболувањето. Затоа се предлагаат законски измени за да се дозволи ова. Се апелира и на зголемена будност кај надлежните и во ветеринарната инспекција да се пријават заболените кучиња, без разлика дали се домашни миленичиња или станува збор за кучиња скитници. Тоа да го направат и граѓаните ако забележат промена кај домашните миленици. Инаку, општината презема континуирани мерки за дезинсекција, а ако е потребно да се изврши уште едно прскање за да се спречи инсектите да ја пренесуваат болеста лајшманиоза кај луѓето, вели Моника Талеска, советник за односи со јавност на прилепскиот градоначалник. Во Прилеп, иако нема конкретен податок, има околу 200 кучиња скитници.

Според епидемиологот Татијана Станимировиќ болеста првпат во градот е регистрирана во 2007 година, и од ова сериозно заболување оттогаш вкупно  се регистираните 19 случаи, од кои три завршиле со смрт на пациентите. Годинава е регистриран еден случај кај двегодишно дете кое е излекувано.

– Резервоар на лајшманиозата се кучињата, а од нив на човекот се пренесува преку инсект- вектор, сличен на комарецот.  Човекот не може да го забележи каснувањето од инсектот, а инкубацијата е долга за да се забележат симптомите. Лајшманиозата е заболување од тропските предели, но поради климатските промени, станува ендемско и во земјите со поумерена клима.

– Во Прилеп првпат е регистирана во 2007 и досега се вкупно 19 заболени, од кои три лица починаа. Поголемиот број од заболените се деца кои се најчувствствителни. Ова е сериозно заболување со долга инкубација и може да се открие доцна кога ќе се појават компликации. Се појавува покачена температура, не ретко се лекува како друго заболување и дури подоцна, по неколку недели и месеци кога ќе се појават компликациите со зафаќање внатрешните органи, е многу сериозно. Годинава е регистрирано едно заболено дете кое, за среќа, е излекувано.  Постои агресивна терапија. Заболувањето, пред се, е ветеринарен проблем и само со уништувањето на изворот на заразата, кучињата, како и на пренесувачот, инсектот, може ефективно да се дејствува. За преносителот – инсектот вектор, се спроведува дезинсекција, објасни епидемиологот Станимировиќ.

Информира дека Центарот за јавно здравје ја спроведе пролетната дезинсекција во Прилеп, Крушево и Македонски Брод, а аеропрскањето деновиве ќе се спроведе. Најави дека може да се повтори и неколку пати во една сезона.

МИА

Коронавирус