среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 0
home Општини

Прилеп: Доделени наградите за 3-ти Ноември

Прилеп: Доделени наградите за 3-ти Ноември

На свечената седница на Советот на Општина Прилеп која се одржа во собраниската сала на Општина Прилеп, по повод Денот на ослободувањето на Прилеп 3-ти Ноември, синоќа на здруженија и поединци им беа доделени плакети и дипломи.

Градоначаникот Борче Јовчески ги поздрави присутните посочувајќи дека за градот под Марковите Кули и оваа вечер ќе биде историска. Вечер кога имињата на добитниците ќе бидат запишани во историјата на еден град, од каде низ годините излегле плејада истакнати имиња, како Цепенков, Ѓорче, Пере, Конески, Кепески, Кузман, Ченто… и многу други.

„Прилеп е Град Херој! Епитет кој гордо го носи веќе 77 години, нераскинливо поврзан со животот на Прилеп, неговото минато, нашата сегашност и иднината на нашите најмили. Заслугата да бидеме Град Херој е на сите кои дале придонес за тоа, особено на паднатите борци, и на 15-те народни херои. Прилепчани отсекогаш го имале своето достоинство, гордоста, но и желбата за слобода, просперитет…Денешниов ден е потсетување и славата за нивното дело. Денеска го славиме она што тие го замислиле и оствариле. Славиме слобода, славиме правда и демократија. Празнувајќи го овој ден, најмалку што можеме е да им се заблагодариме на нашите херои за прогресот и напредокот во современото живеење. Без нив, ова ќе беше невозможно. Овој ден треба да биде потсетување, младите и идните генерации да не заборават каде се родиле, растеле и каде живеат., и да придонесат за неговата подобра иднина. Оттука порачувам сите заедно да ја чуваме слободата затоа што нивната жртва не била залудна! И покрај се, сплотено да го градиме и развиваме нашиот град за подобро утре на сите нас! Да собереме сила, да ја искористиме можноста и да создадеме подобра иднина, за поквалитетен живот, на сите! Да се избориме за поголем локален економски развој, подобра инфраструктура, поквалитетно образование и здравство, напредок на полето на културата и спортот и најважното, да си ги задржиме нашите деца, тука, блиску до нас, во нашиот град! Знам дека пред нас ќе се појават безброј предизвици, проблеми и потешкотии. Но уверен сум дека сите заедно цврсто, и храбро, домаќински и чесно , и со макотрпна и посветена работа ќе го направиме Прилеп град за пример, град во кој што развојот и напредокот ќе одекнуваат. На крајот упатувам искрени честитки до овогодишните лауреати, добитници на наградата 3-ти Ноември. Драги мои, гордејте се со вашето достигнување! Затоа што се гордееме и ние и градот што имаме сограѓани чии квалитети се опшетсвеното прифатени во заедницата. Нека ни е честит и долговечен, 3-ти Ноември“, истакна градоначалникот Јовчески во своето обраќање.

Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, по повод 3-ти Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, оваа година доделија три награди за животно дело – Златна плакета. Постхумно награда за животно дело им се доделува на Драган Попоски-Дада, доајен на македонската современа скулптура, Тачко Локвенец, новинар, писател и публицист и на Илија Адамоски, истакнат општествен работник.

Плакети беа доделени на: Младост 96, за достигнувања во областа на спортот, Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР, за постигнати значајни резултати и достигнувања за подобар живот во локалната заедница, Здружение за правна едуација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, за придонес во едукацијата и асистенцијата на граѓаните во насока на остварување на нивните права и фирма МИНАС Прилеп, за негување на занаетчиството.

Награди – дипломи по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп им се доделуваат на: Георги Стале Поповски, за достигнувања во областа на книжевноста и преведувачката дејност, Блага Тутеска, за достигнувања во областа на образованието и литературата, Круме Пирганоски, за достигнувања во областа на образованието и информатичката технологија, Божана Тренческа, за достигнувања во областа на литературата, Димче Велкоски, за достигнувања во областа на воздухопловното, спортско и ракетно модуларство, Пулексенија Јованоска, за особен придонес во промоцијата на карате спортот во светски рамки и Јовица Нешкоски-Фризерот (постхумно), за негување на фризерскиот занает. Оваа година се навршуваат точно 77 години од остварувањето на вековните стремежи за национална слобода, еден од најзначајните датуми за градот Прилеп – 3-ти Ноември.

Коронавирус