вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 62
home Општини

Претставување на Пијанечкиот фолклор пред словенечката публика во Вранско

Претставување на Пијанечкиот фолклор пред словенечката публика во Вранско

Фолклорната група при Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“’ од Делчево замина за Словенија каде од 6 до 9 октомври ќе учествува на фестивал во градот Вранско.

Како што истакна директорот на установата Методи Толевски, фолклорната група ќе се претстави со традиционални изворни игри и песни препознатливи за Пијанечкиот крај.

– Членовите на фолклорната група „Вапцаров“ кои заминуваат за Словенија се на возраст од 10 до 14 години. Со домаќините од Вранско имаме одлична соработка. Пред неколку месеци тие беа наши гости на пријателскиот концерт кој имаше хуманитарен карактер. Оваа посета на некој начин ќе биде возвратна посета во чии рамки нашата главна активност ќе биде учеството на „Годишен концерт”, кој по единаесетти пат го организира фолклорното друштво “Вранско”, информира Толевски.

Во рамки на посетата на општина Вранско, делчевските играорци ќе бидат дел од фолклорната работилница на која ќе се разменуваат искуства во делот на словенечки и македонски ора.

МИА