вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 61
home Општини

Повлечени измените на тарифникот за превоз во Битола: Од ВМРО-ДПМНЕ побараа општината да ги рефундира парите кои ги дале родителите

Повлечени измените на тарифникот за превоз во Битола: Од ВМРО-ДПМНЕ побараа општината да ги рефундира парите кои ги дале родителите

Советот од дневен ред ги повлече точките за организирање на превозот и измените на тарифникот откако превозниците денес излегоа на протести против измените во цените за првоз на учениците. На почетокот на седницата, на која присуствуваа и превозниците, повлекување на точките предложи претседателот на Советот, Валентин Груевски со образложение дека треба да се остави простор за изнаоѓање на решение кои ќе им одговара и на Општина, и на превозниците, и на учениците. Но, рече дека тоа треба да бидат разумни цени зашто нема да се дозволи превозот до Новаци и назад да чини 400 денари по ученик.

-Идејата е едноставна. Сакаме да најдеме решение кое ќе им одговара на сите, сакаме да постигнеме разумни цени во однос на превозот на учениците. Познати се неколку примери кои кружат во јавноста за цени кои се постигнати за определени релации и не сакаме такви цени повеќе да се плаќаат и со тоа директно да се оштетуваат граѓаните. Не може превозот до Новаци и назад да биде 400 денари по ученик. Мора да се најде решение во кое цените ќе бидат разумни. Даваме можност, период, за да се постигне договор. Не сакаме никој да оштетиме. Сакаме да имаме партнерски однос со превозниците и да се договориме. Не можам да предвидам што ќе се случи, но даваме простор за договор, рече претседателот Груевски.

И советничката група Понаку рано утрово поднесе писмено барање за повлекување на точките од дневен ред.

-Причината за тоа ја кажавме и на комисија. Сметавме дека при носењето на новиот тарифник мора да бидат сослушани сите засегнати страни, во спротивно Општината може да се соочи со големи поблеми. Апелирав уште на самата комисија дека мора да се разговара со превозниците и што ќе се случи доколу превозниците не прифатат по тој тарифник да вршат превоз на ученици. Ми беше кажано дека тоа е одлука на Општината и нема потреба да се разговара со превозниците, рече Илиевска.

Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ побараа Општината да им ги рефундира парите на родителите кои превозот на учениците го платиле од џеб.

-Градоначалничката заедно со директорите на училиштата да изработат детална анализа за тоа на колку ученици им било ускратено правото на бесплатен училишен превоз и градоначалничката заедно со службите да изработат модел по кој ќе се рефундираат средствата на родителите. По трет пат ја бараме оваа точка на дневен ред зашто најголемиот број на ученици на кои им е ускратено ова право доаѓаат од поодалечените население места. Има ученици од општина Ресен, Могила, Крушево, Демир Хисар. Родителите најмалку од 2000 до 7000 денари месечно треба да издвојат во зависност од оддалеченоста за да го платат превозот. Колкава е оптовареноста ако во семејството има по две или повеќе деца, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Советот Груевски изјави дека се разгледуаваат законските можности за рефуднрирање на средства на учениците и тоа најверојатно ќе биде планирано со ребалансот на буџетот кој ќе се разгледува за десетина дена на седница на Совет.

За повлекување на точките поврзани со превозот сите советници едногласно гласаа „за“.