вторник, 19. јуни 2018. Вести денес: 0
home Општини

Подводно ќе се истражува локалитетот Залив на коските кај Градиште

Подводно ќе се истражува локалитетот Залив на коските кај Градиште

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Центарот за истражување на предисторијата – Скопје денеска организираат отворен ден со медиумите на локалитетот Плоча Миќов Град (Залив на коските) кај Градиште во Охрид по повод отпочнувањето нова археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања.

Како што соопшти УЗКН, на овој локалитет – предисториска наколна населба, во текот на идниот месец ќе се реализира ново археолошко истражување во рамки на меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата – Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.

– Во проектот првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба, информира УЗКН.

Почетокот на истражувањето со свои обраќања ќе го означат Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн, и Гоце Наумов, раководител на истражувањето.

На настанот ќе биде презентиран планот на истражувањата, а ќе се демонстрираат и нуркачки активности на археолозите вклучени во проектот – истражувачи и студенти од Швајцарија и Македонија. Овој настан е вклучен во годишната програма на УЗКН за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.