среда, 30. септември 2020. Вести денес: 153
home Општини

По смртта на Стојаноски, охриѓани напролет ќе избираат нов градоначалник

По смртта на Стојаноски, охриѓани напролет ќе избираат нов градоначалник

Во Охрид денеска е ден на жалост по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски (48), професор на Факултетот за туризам и угостителство во неговиот роден град. Тој почина во саботата претпладне, во возило на Итната медицинска помош, на пат кон Центарот за кардиоваскуларни болести, откако му се слошило на состанок со директорите на општинските јавни претпријатија. Според информациите, причина за смртта е срцев удар, пишува Независен.

Стојаноски беше градоначалник на Охрид само една година и два месеца, откако на локалните избори минатата година успеа да ја поврати предноста на СДСМ во општината која се смета за една од најатрактивните во политичката битка меѓу најголемите партии во земјава. Стојаноски победи во првиот круг на локалните избори лани во октомври над кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Тилески. Пет дена подоцна, дотогашниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески (ВМРО-ДПМНЕ), му ја предаде функцијата на неговиот другар од училишните денови, со кого, во меѓувреме, се најдоа на различни политички страни.

„Го познавав Јован уште од детството. Ги делевме школските клупи во исто основно и средно училиште. Бевме и комшии и долгогодишни пријатели. Го дочекав во градоначалничкиот кабинет при примопредавањето на функцијата. Имавме мошне срдечен разговор. Си спомнавме за многу моменти од детството и младоста. Му посакав успешен градоначалнички мандат. И беше успешен. И беше впечатлив. За жал на сите нас, заврши пребрзо. Но беше успешен и во својата професија како професор, а и како советник во градскиот совет. Својата одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше и ги пренесуваше на охриѓани како универзална човекова вредност…“- со ваква порака Бакрачески се збогува со својот наследник на градоначалничката функција.

Од повеќето политички табори стигнаа реакции по повод прераната смрт на Стојаноски. Согласно со едногласната одлука на Советот за прогласување ден на жалост, денеска во Охрид се откажани сите манифестации од културно-забавен карактер. Паралелно, откажани се и повеќето активности во Собранието на Македонија, вклучително и пленарното заседание, седницата на телото за помирување и седницата на Комисијата за уставни прашања.

Охрид, општината која традиционално важи за една од централните точки на политичката битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – сега останува без градоначалник. Вакуумот до изборот на нов градски татко, веројатно, ќе се пополни со избор на в.д. градоначалник од редот на советниците во општината.

Советот на општина Охрид брои 23 члена, од кои 11 се од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од ДУИ. Според овој распоред на сили, очекувано е дека в.д. градоначалникот ќе биде од редовите на владејачката коалиција на централно ниво. Односно дека нема да се повтори ситуација како во Дебар, каде што по смртта на градоначалникот Ружди Љата од редовите на ДУИ, мнозинството во Советот го презедоа Алијансата за Албанците, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и ПЕИ, кои избраа в.д. градоначалник од редовите на Алијансата.

Сепак, и за Охрид и за Дебар останува неизвесноста дали на вонредните избори за градоначалници што престојат ќе се повтори предноста што таму ја извојуваа владејачките СДСМ и ДУИ на минатогодишните локални избори.

Според најавите, дополнителните избори за нови градоначалници на Охрид и на Дебар ќе се одржат паралелно со редовните претседателски избори напролет. Тогаш треба да се избере и нов градоначалник на општина Ново Село, откако Боро Стојчев од СДСМ поднесе оставка од морални причини откако беше осуден на затвор за обид за шверц на цигари.

Извор: НЕЗАВИСЕН

Коронавирус