Општина Кавадарци, со цел да ги стимулира жителите на Кавадарци за примена на почисто гориво и поквалитетни грејни тела за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот, на жителите кои ќе купат енергетско ефикасни грејни тела(печки на палети и инвертер клими), ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на енергетско ефикасни грејни тела во висина од 50%, но не повеќе од15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Јавниот повик започна од вчера и ќе трае заклучно со 20.10.2018 година, а добитниците на субвенција ќе бидат познати на јавно извлекување.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на Општина Кавадарци кои ќе купат енергетско ефикасни грејни тела за затоплување на своето домаќинство во период додека трае јавниот оглас.
На јавното извлекување право на учество ќе имаат и апликациите од првиот Јавен Повик од 06.08.2018 година за купување на енергетско ефикасни грејни тела за 2018 година, а кои не се субвенционирани поради исцрпување на средствата предвидени со првиот Јавен повик.
На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот.
Барателот треба да е жител на општина Кавадарци, да нема добиено финансиски средства за набавка на енергетско ефикасни грејни тела од било кој извор во Република Македонија, до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, новото енергетско ефикасно тело да биде инсталирано на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот, станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее; само едно домаќинство може да поднесе барање за добивање на надоместок.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите се исполнети, барателот до општина Кавадарци треба да достави барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општина Кавадарци или од интернет страната на Општина Кавадарци: (kavadarci.gov.mk).
Исто така потребно е да се достави фотокопија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Кавадарци, изјава дека не е корисник на субвенција за истата намена од било кој извор во Република Македонија, доказ дека е извршено купување на енергетско ефикасно грејно тело(печка на палети или инвертер клима) и тоа оригинал фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум во период од денот на објавување на јавниот повик до денот на завршување на јавниот повик, фотокопија од трансакциска сметка.
За спроведување на активностите за реализација на Јавниот Повик, Градоначалникот на Општина Кавадарци ќе формира три комисии кои ќе бидат составени од три члена и нивни заменици. Комисиите по пристигнувањето на сите барања за субвенционирање доставени за времетраењето на јавниот оглас, со записник ќе го утврдат точниот број на пристигнати барања.
Извлекувањето ќе биде снимено и за истото Општина Кавадарци ќе има видеозапис и секој заинтересиран барател има право да побара увид во видеозаписот од извлекувањето за што треба да достави писмено барање до Општина Кавадарци.