вторник, 17. септември 2019. Вести денес: 6
home Општини

Општата болница во Прилеп доби донација амбулантно возило од турската агенција за соработка и развој – ТИКА

Општата болница во Прилеп доби донација амбулантно возило од турската агенција за соработка и развој – ТИКА

Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп денеска доби донација – амбулантно возило. Станува збор за донација обезбедена од турската агенција за соработка и развој – ТИКА.

Министерот за здравство, Венко Филипче се заблагодари за возилото за транспорт на пациенти, со кое се зајакнуваат капацитите во болницата и се подобруваат здравствените услови и услуги.

-Во оваа прилика сакам посебно да се заблагодарам за досегашната успешна соработка со ТИКА, со чија помош е обезбедено комплетно ново амбулантно возило за прилепската болница. Со оваа инвестиција дополнително се зајакнуваат капацитетите за транспорт на пациенти и се овозможува побрз и полесен пристап на пациентите до потребните здравствени услуги, особено што станува збор за пациенти во животозагрозувачка состојба, кога брзата реакција е од витално значење. Во изминатиот период, набавивме 12 нови амбулантни возила, а со денешната донација дополнително ги зајакнуваме капацитетите, изјави министерот Филипче.

Програмскиот координатор на ТИКА во Република Македонија, Ајтекин Ајден потенцираше дека оваа организација има реализирано бројни проекти со Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и услуга.

-Во последните неколку години, ТИКА реализираше бројни проекти со Министерството за здравство, почнувајќи од активности за полесен пристап до здравствените услуги, формирање нови здравствени центри, донирање техничка и медицинска опрема, инфраструктурно подобрување на здравствените институции, како и едукација за здравствен персонал. Денешната значајна донација е уште една потврда за нашата соработка, која се надеваме ќе продолжи и понатаму, информираше координаторот Ајден.

Новото амбулантно возило е со целосна високостандардна медицинска опрема. Вкупната вредност на донацијата изнесува 64.575 евра.

Директорот на Општата болница во Прилеп, Драги Богоески на примопредавањето на возилото истакна дека оваа донација ќе помогне во решавање на проблемот со транспортот на потешко болните пациенти, кои имаат потреба од транспорт за натамошно лекување во клиниките во Скопје.

-Голема благодарност до ТИКА, Владата на Република Турција и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски за донираното санитетско возило за транспорт на пациенти. Во тек е активност преземена од менаџерскиот тим на болницата за обезбедување финансиски средства во форма на донација од фирмите во Прилеп за набавка на уште едно санитетско возило, рече директорот Богоески.

Во изминативе две години, во оваа болница се реализирани 37 вработувања на неопределено работно време, а со договор на дело се ангажирани 37 лица. Во тек се огласи за вработување на неопределено работно време на уште 33 лица, а на определено работно време 37 лица.