среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 142
home Општини

Охридска кардиологија и натаму само со еден ангиограф

Охридска кардиологија и натаму само со еден ангиограф

Охридскиот центар за кардиоваскуларни заболувања кој е регионален центар и понатаму продолжува да работи само со еден ангиограф, апарат кој се користи при акутен инфаркт и за стентирање на пациенти.

Лекарите велат дека центарот мора да добие уште еден ваков апарат, затоа што дефектите на единствениот кој е стар десет години зачестија. За една година овој важен апарат за функционирањето на болницата двапати се расипуваше, па пациентите или чекаа за да истиот се поправи или пак, итните случаи се препраќаа на клиниката за кардиологија во Скопје. Последeн пат истиот не работеше цели два месеци.

„Потребата од континуитет од давање на здравствени услуги посебно во делот на решавање на акутни и живото загрозувачки состојби како што е миокардниот инфаркт не дозволува прекин во работата. Се покажа дека тие прекини сиве овие години и тоа како се одразуваат на можностите и на исходите на пациентите кои треба да бидат третирани со закаснат третман“, рече Никола Бакрачески.

Годишно овде се изведуваат повеќе од 2000 такви интервенции. Бакрачески се надева дека центарот набргу ќе биде префрлен во реконструираниот објект во кругот на болницата за ортопедија и трауматологија. Министерот за здравство Венко Филипче ветува дека проблемот ќе биде решен и оти сите активности на тој објект биле во завршна фаза.

„Таму се предвидени две ангиографски сали, комплетно нови и модерни. Укажаа на потребите колегите од кардиолошкиот завод да останат и во сегашната инфраструктура, која е поволна за рехабилитација. Не можеме да ги предвидиме дефектите на апаратите и затоа многу брзо интервениравме да се санира и навистина се санираше во рекорден рок. И токму поради ова се планира дополнителна опрема во новата болница“, рече министерот Филипче.

Охридскиот центар за кардиоваскуларни заболувања е втор по големина во Македонија, по Клиниката за кардиологија во Скопје и опслужува повеќе од 350 000 граѓани од југозападниот дел на државата.

Од раководството на болницата неодамна изјавија дека дефектите не се резултат на негрижа од нивна страна. Велат дека тој ангиограф работи десет години и според бројката на пациенти која контиунирано се зголемувала, очекувани биле вакви проблеми, односно потреби од чести сервисирања и промена на делови Охридскиот центар за кардиоваскулани заболувања е втор по големина во Македонија по клиниката за кардиологија во Скопје и опслужува повеќе од 350.000 пациенти од југозпадниот дел на државата.

Дополнително проблем има и во болницата за дијализа во Струга каде кровот прокапува, струшката општа болница е во лоша состојба и со несоодветни просторни услови.

ИЗВОР: АЛСАТМ

Најнови вести