среда, 19. февруари 2020. Вести денес: 14
home Општини

Над илјада прилепчани учествуваа во хуманитарна рекреативна трка

Над илјада прилепчани учествуваа во хуманитарна рекреативна трка

Над илјада прилепчани учестуваа синоќа во хуманитарната трка низ улиците на Прилеп, покажувајќи хуманост за отворањето на првиот Дневен центар за лицата со церебрална парализа. Во трката од пет километри низ улиците на Прилеп учествуваа вработени во прилепските компании и институции. Со тоа донираа по сто денари за опремувањето на Центарот што треба наскоро да се отвори.

Андреј Хафенер, генерален менаџер на компанијата „Гентерм“, како иницијатор на оваа рекреативна хуманитарна трка, вели дека ова им е прва но не и последна хумана акција.

– Ние сме компанија која има приоритети да покаже грижа за децата и за болните лица. Ова е наша прва, но не и последна акција и така ќе продолжиме, изјави Хафенер.

Во акицијата се придружи и „Мермерскиот комбинат“.

– Сакам да му заблагодарам на градоначалникот за оваа акција која е мошне храбра. Како Мермерски комбинат секогаш ќе поддржуваме акции за помош на децата и болните луѓе, рече Перикле Николау, генерален менаџер на „Мермерски комбинат“.

Ирена Јакимоска, претседател на регионалната стопанска комора и косопственик на прилепската компанија „Комфи Ангел“ смета дека заедничките акции во хумана цел ќе бидат почести.

– Горда сум што преку 400 вработени во „Комги Ангел“ ја прифатија оваа мисија. Ние, стопанствениците со невладиниот сектор и со локалната самоуправа ќе се здружиме за вакви хумани цели, рече Јакимоска.

Родителите на децата со церебрална парализа се среќни што заедницата е несебична да помогне.

– Досега не сме имале ваква поддршка. Центарот ќе им помогне и на децата да се едуцираат и да учат, а и на родителите да се вклучат во нивниот развој, вели Бранка Пројческа, мајка на седумгодишно дете со церебрална парализа.

Според неофицијалните податоци, во Прилеп се преку 100 лица со церебрална парализа. За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, ова е потврда на хуманоста на прилепчани, а ваквите акции ќе станат практика.

– За отворањето на првиот Дневен центар за лицата со церебрална парализа локалната самоуправа вложи 2,5 милиона денари, колку и Министерството за труд и социјална политика. Опремувањето на Центарот е при крај и за еден месец или нешто повеќе, ќе биде отворен, вели Јованоски.

Дневниоп центар за лицата со церебрална парализа е втор во земјава, по оној во Скопје.  (МИА)