вторник, 7. декември 2021. Вести денес: 150
home Општини

Молк од поразените кандидати за градоначалници во Тиквешко

Молк од поразените кандидати за градоначалници во Тиквешко

Во Кавадарци и во Неготино според резултатите од ДИК, победата во првиот круг ја добија кандидатите на ВМРО ДПМНЕ, односно актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, и кандидатот за Неготино, д-р Горан Стојанов.

Противкандидатот на Јанчев, Горан Тодоров од СДСМ, инаку раководител на производство во компанијата Кодинг Горска, според досегашните објавени резултати, успеа да освои 22,29 проценти од гласовите, односно 4.677 гласа, додека пак Јанчев има 15.182 гласа, или 72,35 проценти.

Во Неготино, актуелниот градоначалник Тони Делков кој се бореше за втор мандат освои 4.839 гласа, односно 42,93 проценти од гласовите, а пак д-р Стојанов освои 5.855 гласа или 51,94 проценти.

Јанчев и Стојанов уште синоќа им се заблагодарија на сограѓаните за довербата и порачаа дека започнуваат со реализација на ветената програма.

Нивните противкандидати, Делков и Тодоров, се уште се немаат огласено по повод изборниот пораз. Немаат објавено никакво соопштение на своите официјални профили, на кои последните објави датираат од пред два дена, кога на граѓаните им порачуваа да гласаат за најдоброто.

Во Неготино, уште синоќа по објавата на првичните резултати се огласи единствено претседателот на Советот, Диме Витанов, кој напиша дека е горд на постигнатото, а на наредната локална власт и посака разум во работењето.

Во Тиквешијата следи втор круг на гласање во Демир Капија, каде актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат, Лазар Петров од СДСМ освои само 25 гласа повеќе од својот противкандидат Андон Донев од ВМРО ДПМНЕ.

Тој се заблагодари за довербата и порача дека очекува потврдување на победата на 31-ви октомври.
Во Општина Росоман пак, Стојан Николов од СДСМ освои 1.148 гласа, Тихомир Николов од ВМРО ДПМНЕ освои 947 гласа, а Стојанче Лазов од ГИ Стојанче Лазов освои 313 гласа.

Коронавирус