сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 103
home Општини

Митески: 5 работи кои Златко Марин можеше да ги направи пред да издаде одобрение за градење на парцелата кај „Мајчин дом“

Митески: 5 работи кои Златко Марин можеше да ги направи пред да издаде одобрение за градење на парцелата кај „Мајчин дом“

Фејсбук статус на Дејан Митевски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Аеродром:

5 работи кои Златко Марин можеше да ги направи пред да издаде одобрение за градење на парцелата кај „Мајчин дом“.

1. Мораториум на градење
– Да, мораториум, како што ветуваше во предизборната кампања.
По примерот на општина Центар и во Аеродром можеше да воведеш мораториум, односно неспроведување на конкретниот детален урбанистички план, со што немаше да можеш да го издадеш одобрението за градење. Од преземање на локалната власт, до моментот на издавање на одобрението за градење имаше вкупно 13 седници на совет на кои можеше да предложиш, а советниците да изгласааат одлука за мораториум.

2. Ревизија и носење на нов ДУП
– За ревизија и носење на нов детален урбанистички план не се потребни 10 месеци.
Општина Аеродром има сериозна администрација, со искусни вработени, кои можеа да извршат ревизија за помалку од еден месец и да се констатираат сите спорни градби. Шест месеци се повеќе од доволно да се спроведе постапка за донесување на нов детален урбанистички план, во кој ќе беше избришана спорната локација пред „Мајчин дом“. Иако постојано „се вадиш“ на „правилникот“, истиот е менлива категорија и доколку бар се обратеше до Министерот за транспорт и врски, сигурно ќе се најдеше решение за истиот да не биде пречка при изменување на деталениот урбанистички план. Но ниту си помислил, а камо ли да побараш измена на правилникот. За вкупно седум месеци ќе ја завршеше целокупната постапка, ќе се донесеше нов детален урбанистички план и на локацијата ќе се заштитеше постоечкото зеленило.

3. Времена мерка за неспроведување на конкретниот ДУП
– На барање на општината, надлежен орган можеше да донесе времена мерка за запирање на спроведувањето на ДУП-от.
Додека чекаше Уставниот суд да одлучи, имаше легитимно и легално право да побараш од надлежен суд да донесе времена мерка со која ќе забрани да се спроведува конкретниот ДУП до донесување на одлука на Уставниот суд. Ти „завчера“ го потпиша одобрението за градење, „вчера“ кажа дека нема да се гради на таа локација, за „денес“ да кажеш дека чекаме на одлука од Уставниот суд. Градоначалниче, ти работата ја заврши кога го издаде одобрението за градење.

4. Откуп на парцелата
– Ама пред да издадеш одобрение за градење.
Во најмала рака се смешни сумите кои ги кажуваш дека би требало да бидат исплатени на инвеститорот како оштета доколку не му дозволи да гради. „Ти“ имаше можност да ја откупиш парцелата од Комерцијална банка на аукција, по проценета вредност од два до три милиони евра. За тоа имаше и пари на сметка оставени од Ивица Коневски, околу четири милиони евра. Но тоа не го направи. Додавањето на дополнителни два милиони евра на име платени комуналии е приказна за мали деца. Тие средства се уплатени од инвеститорот во износ од 30% на сметка на Аеродром и град Скопје. Тие средства не се потрошени и доволно беше само да бидат вратени. Изгубената добивка со која пробуваш „да ја зголеми вредноста на земјиштето“ немаше воопшто да постои доколку не издадеше одобрение за градење. Ама за тоа требаше да мислиш тогаш.

5. Оставка
– Да беше човек од збор и да си стоеше на ветувањето, требаше да си дадеш оставка.
Ако како што тврдиш дека си немал можност да го одбие барањето, оставката беше неизбежна. Tака би требало да постапи одговорен политичар, кој нема да може да го оствари најголемото ветување заради кое добил поддршка од граѓаните. Во таков случај на вакум, општина Аеродром ќе немаше овластено лице кое би можело да потпише одобрение за градење, со што немаше да ја дозволи изградбата на зградата пред „Мајчин дом“. Но фотелјата е подрага од ветувањето. Неслучајно оставката е пишана како последен чекор и не ја спомнувам како понесување на одговорност, туку како неизбежен чекор во насока на исполнување на ветувањето. И ќе добиеше и аплауз од граѓаните и гарантиран нареден мандат.

Но почитуван градоначалник ти одлучи повторно прстот да го впериш во ВМРО-ДПМНЕ, иако си точно една година градоначалник, со стабилно мнозинство во Советот на општина Аеродром.
Се чини дека бараше решение, а се молеше да не го најдеш.
Повели градоначалник, кажи дека ниту едно од ова не можеше да го направиш, ако искрено го мислеше тоа што го ветуваше. Ама со факти, докази, закони, а не со „ВМРО е криво“.